Американските обвинувања за руското мешање во трката за Белата куќа во 2016 година и неодамнешниот дебакл на внатрепартиските избори во Ајова, каде што технолошки проблеми предизвикаа хаос и одложување на објавувањето на резултатите, одново го отворија прашањето за довербата на граѓаните во изборните процеси. Овие настани сигурно ја разнишаа довербата на многу Американци во изборите. Всушност, една анкета на „Галуп“ објавена неодамна покажува дека довербата на Американците во изборните процеси е меѓу најниските ако се земат предвид развиените демократски земји. Испитувањето покажува дека само 40 отсто од Американците се уверени во чесноста на изборниот процес.

Но колку и да е низок тој процент, недовербата кон изборите не е ништо ново за американската јавност. Истражувањето открило дека мнозинството Американци немаат доверба во чесноста на изборите секоја година од 2012 година, при што процентот на граѓани што веруваат во изборниот процес паднал на дури 30 отсто за време на претседателската трка во 2016 година. „Галуп“ посочува дека податоците за довербата во изборите се објавуваат во време кога осум американски разузнавачки агенции ги потврдија наводите за странско мешање на претседателските избори во 2016 година и идентификуваа обиди за слични активности за време на изборите за Конгресот на САД во 2018 година.

На графиконот е прикажано каде се САД во однос на другите развиени земји од Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД). Највисоки степени на доверба се забележани во Северна Европа, односно во Финска, Норвешка и во Данска. На графиконот се претставени повеќе избрани земји од ОЕЦД, при што Шведска е на прво место со степен на доверба во изборите од 87 отсто. Довербата во изборите во САД е далеку пониска (40 отсто) и земјата е зад Британија, Франција, Јапонија и Јужна Кореја, а е само маргинално подобра од Турција, каде што довербата во изборите е 39 отсто.