Неможноста на Европската Унија да се справи со две паралелни кризи во исто време, кај аналитичарите ја отвора дилемата дали на Стариот Континент му се заканува сериозна политичка и економска криза

Како што наближува крајот на 2020 година, Европската Унија (ЕУ) се движи по курсот на два судира што може да завршат со тешки последици по неа. Неможноста на Европската Унија да се справи со две паралелни кризи како што се договорот за брегзит и условот за владеење на правото за Унгарија и за Полска, поврзан со исплатата на средства од европските фондови за обнова по пандемијата, може да предизвика политичка и економска катастрофа.
Ова, меѓу другото, го истакнува угледниот магазин „Политико“ во своја анализа посветена на сегашните проблеми со кои се соочува Европа, наведувајќи дека исходот од двата судира ќе се дознае некаде на почетокот од следната година, кога всушност и ќе се утврди и политичкото лидерство на Стариот Континент, за што засега претендираат германската канцеларка Ангела Меркел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Брегзит „главоболка“ за Брисел

Магазинот пишува дека првата криза што создава големи главоболки во Брисел засега е застојот на преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ за идниот трговски договор, додека на 31 декември истекува транзицискиот период за брегзит. Во меѓувреме втората криза е исто така во ќор-сокак и се однесува на односите меѓу Полска, Унгарија и преостанатите членки на ЕУ за предлозите да се врзе исплатата на средства од европските фондови за обнова по пандемијата со успешноста на владеењето на правото.
– Иако навидум изгледаат независно, сепак овие кризи се силно поврзани. Неможноста да се постигне договор за едното или за двете прашања ќе значи тежок пораз за германското претседателство со Советот на ЕУ, односно со европското лидерство. Со тоа што е блокирано изгласувањето на новиот долгорочен буџет и фондот за обнова, темни облаци се наѕираат и за судбината на европската економска обнова планирана за идната година – пишува електронското издание на магазинот.

Калкулациите за Будимпешта и за Варшава засега без решение

Во меѓувреме, на истата тема, „Форин полиси“ забележува дека со оглед на сегашната неизвесност на договорот со Британија, постојат и прашања за апетитот на ЕУ дали да прифати брегзит без договор, но и дали другите членки и Комисијата можат да бидат пофлексибилни или „покреативни“ за да се избегне понатамошно влошување на економската слика на Европа.
Паралелно на ова, калкулациите во Будимпешта и во Варшава не се помалку контрадикторни или сложени од брегзит. Магазинот наведува дека двете држави ќе имаат голема корист од фондот за обнова на ЕУ, со тоа што Унгарија ќе добие околу 15 милијарди, а Полска 63 милијарди евра. Но условите за владеењето на правото договорени меѓу повеќето членки на ЕУ и Европарламентот претставуваат многу сериозни проблеми за унгарскиот премиер, Виктор Орбан, и за полскиот лидер, Јарослав Качински.
– Во прашање е доведен самиот владин модел на Орбан. Најголемите корисници на дарежливоста на ЕУ во изминатата деценија беа мала група лојални соработници. Токму од оваа причина Будимпешта има „генерален“ проблем со секаква поврзаност меѓу европските фондови и владеењето на правото. Можноста на ЕУ за суспензија на гласачките права е единствен излез без компромис од проблемот. Но таквиот чекор може да предизвика закана и промени во механизмот за владеење на правото во блокот – наведува магазинот.

Компромисот носи политичка и економска цена

Во меѓувреме и двата медиума во заклучоците на своите анализи за случувањата во Европа забележуваат дека сите компромиси што се на масата засега, како ослабувањето на механизмот за владеење на правото во имплементациската фаза за да се заобиколат ветата на Полска и на Унгарија и попуштањето кон Лондон за трговски договор, доаѓаат со значајна политичка и економска цена. Таквата цена, секако, ќе мора да се плати за да има постигнување на договор, оценуваат магазините. Според нив, Европа е на крајот од една неверојатно тешка година, па во таа насока е можно и да се постигне хаотична спогодба еднакво со Велика Британија и со Унгарија и со Полска. Токму можностите на Фон дер Лејен и на Меркел да се справат со овие предизвици ќе одлучат дали Европа ќе има силен почеток на 2021 година или ќе се најде вмешана во политички и економски кризи еднакво внатре и надвор.