Иако пандемијата на ковид-19 е далеку од завршена, како што покажува зголемувањето на бројот на новозаразени во повеќе држави, сепак официјално се стави крај на рецесијата во САД што беше предизвикана токму од неа. Според официјалното соопштение од Комитетот за следење на деловните циклуси на Националното биро за економски истражувања (НБЕР), американската економија забележала најниско ниво лани во април, само два месеца по претходниот врв во февруари истата година. Според статистиката за економски циклуси на НБЕР, рецесијата започнала во првиот месец по врвот во економската активност и завршила во месецот на последователен пад. Во тој случај, ова значи дека рецесијата предизвикана од ковид-19 траела само два месеца, што е најкратко во американската историја.
Додека продолженото траење на економското намалување е обично еден од трите критериуми за одредување на рецесијата (длабочина, ширење и времетраење), НБЕР наведува дека „екстремните услови што ги открива еден критериум може делумно да надоместат слаби индикации на друг“. Во конкретниот случај, „невидената големина на падот во вработеноста и производството, како и широкиот опсег во целата економија, наложува оваа состојба да се нарече рецесија, дури и да биде пократка од претходните економски намалувања“, како што комитетот точно предвиде лани во јуни кога, имено, беше прогласена рецесијата. Од НБЕР истакнуваат дека крајот на рецесијата не треба да се меша со враќање на економската активност пред рецесијата.