Европската комисија и Европскиот парламент ги финализираат политиките за работење од далечина за претстојниот период, иако Комисијата сака да врати половина од вработените назад во канцелариите до септември, поради директниот надзор и полесниот пристап при гласањето и носењето на одлуките на ЕУ

Работата од далечина станува реалност за институциите во Брисел

Најжешката дебата во Брисел оваа есен нема да биде за владеењето на правото или буџетот, туку за далечинското работење, делењето канцелариски простор и онлајн гласањето. Организациите во светот мака мачат како да ги применат лекциите од пандемијата и како да се приспособат на револуцијата што ја направи Зум со виртуелните состаноци, а исклучок не се ни двете најголеми институции во Европската Унија (ЕУ). Ова, меѓу другото, го пишува европскиот магазин „Политико“, кој наведува дека на големо се отворени дебатите во Европската комисија и Европскиот парламент, како и дали оваа есен ќе се применува работата на овие институции од далечина поради опасноста од новите мутации на коронавирусот. Во моментов копјата во Комисијата се кршат меѓу претпоставените, кои не сакаат да го изгубат директниот надзор над своите подредени, и вработените од пониските нивоа, кои сакаат да ги зацементираат предностите на далечинското работење. Во парламентот, дискусијата се темели на тоа дали подобро ѝ се служи на демократијата кога пратениците се на своето работно место или кога имаат пофлексибилно работење што им овозможува да бидат во подобар контакт со своите конституенти. Двете европските институции работат на финализирање на правилата што ќе стапат во сила кога ќе се смири пандемијата на коронавирусот, поставувајќи ги работните услови за претстојните месеци, ако не и години.

Колку ќе биде ефикасна ЕК на далечина

Во меѓувреме, доколку дозволи епидемиолошката состојба, Комисијата има цел да врати половина од вработените назад во канцелариите до септември додека правилата за далечинско работење да се усвојат на почетокот од есента. Според еден преговарачки документ до кој дојде „Политико“, Комисијата предлага вработените да поминуваат најмалку два дена в канцеларија, а од дома да работат најмалку еден ден, додека остатокот да го договорат со своите претпоставени. Кога ќе работат од дома, на вработените им се препорачува тоа да биде во близината на институцијата. На вработените ќе им биде дозволено да работат 10 работни дена годишно надвор од нивното место на вработување поврзано со „најмалку пет дена годишен одмор“. Во некои околности или семејни причини, вработените може да добијат дозвола да работат далечински еден месец од странство, но доколку е потребно да се вратат в канцеларија, ќе мора да го сторат тоа на свој трошок во рок од 48 часа. Со тоа што Комисијата не сака да го намали канцеларискиот простор, туку таа сака да стави акцент на заедничките простории во кои ќе се ротираат вработените. Во исто време, предложените промени се предмет на жестока дебата во која директорите се против далечинско работење, бидејќи на тој начин немаат доволна контрола врз работените.

Виртуелен парламент

Паралелно на дебатата за работа од дома, ЕП исто така воведува систем за управување на далечинското работење. Со неколку суштински исклучоци, речиси сите што работат за секретаријатот ќе имаат право да работат најмалку еден ден од дома. Вработените ќе имаат право да изберат „средна опција“ од два дена работа од дома и „максимална“ со три дена. Парламентарните асистенти ги одобрија регуларните правила за далечинско работење заедно со планот за надоместување на трошоците поврзани со домашниот работен простор. Тие исто така побараа укинување на утринските гласања бидејќи „им одземале од времето навечер или рано наутро за прегледување на гласачките листи“. Во еден скорешен труд насловен „Враќање во новото нормално“, вработени во парламентот посочиле дека ако работењето од дома стане нормално, не треба да има „географски лимит“, бидејќи вработените сами можат да изберат од каде ќе работат и ќе плаќаат пониски трошоци за живот. Во документот се наведува и „правото за исклучување“, бидејќи работењето од дома го зголемува чувството на постојана достапност.

Крај на парламентаризмот

Од друга страна, бриселските медиуми пишуваат дека додека вработените дискутираат за работењето од дома, пратениците дебатираа во какви услови треба да се дозволи извршувањето на нивните демократски функции на далечина. Претседателот на парламентот, Давид Сасоли, формираше пет „фокус-групи“ меѓу пратениците во април, за да се дискутира, меѓу другото, дали можат да продолжат да гласаат преку интернет на пленарните седници и на комисиите и да се укине патувањето до Брисел за нешто што може да се заврши од далеку. Се очекува групите да ги финализираат препораките за конечните резултати да бидат претставени по годишните одмори. Повеќето пратеници се согласни дека некои состаноци може и натаму да се одржуваат онлајн за разлика од тоа до кој степен гласањето треба да се одвива на далечина кога станува збор за пленарните седници и комисии. Постарите пратеници сметаат дека далечинското работење ја нарушува функцијата на институцијата, додека помладите во тоа гледаат шанса да бидат поблиску до народот.