Кога пред седум години во источна Украина изби војна меѓу владините трупи и сепаратистите поддржани од Русија, украинските војници се бореа облечени во скинати патики и донирани јакни, додека нивните неискусни командири честопати правеа грешки кои носеа катастрофални последици, пишува „Политико“.

Благодарение на долгогодишниот конфликт и зголемената домашна и странска поддршка, украинската војска сега е зајакната и подобро опремена. Но и покрај сето тоа, експертите тврдат дека Украина би имала потешкотии да се справи со потенцијална руска инвазија.

– Иако украинската војска ќе нанесе големи загуби на Русија, за жал, ќе станува збор  повеќе за херојство отколку професионализам – вели аналитичарот Јуриј Бутусов.

Според Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм (СИПРИ) Украина во 2019 година потрошила 3,4 отсто од својот БДП на одбрана, за разлика од 2,2 отсто во 2014 година. Русија, пак, потрошила 3,9 отсто во 2019 година, односно Украина троши 5,2 милијарди долари, додека Русија 65 милијарди долари.

Денешната украинска армија е поголема и подобро организирана и не се потпира на брзоформираните доброволни баталјони како во минатото. Украина има околу 255.000 активни воени лица и уште 900.000 резервисти, додека Русија има еден милион активни воени лица и уште два милиона резервисти.

Кога станува збор за оклопни возила, Украина е на 13-то место во светот по број на тенкови, 2,430, и седми по оклопни возила и влечна артилерија. Сепак, Русија е прва по бројот на тенкови со 13.000, трета по оклопни возила со 27.100 и прва во влечена артилерија со 4.465.

Покрај опремата, Украина има проблем со воениот персонал. Според команданти кои служеле во претходните судири со Русија, дел од искусните војници во последно време се обесхрабрени и оттурнати од бирократијата и намалениот квалитет на лидерство во армијата.

– Офицерите кои или слабо се претставија во 2014 година или целосно избегнаа борбени операции, се вратени на клучни позиции во армијата – изјави во интервју полковникот Сергеј Собко.

Други експерти се песимистични во врска со напорите за модернизација, како и за нивото на бирократија со која се соочува украинската армија.

– Командантите честопати се обесхрабруваат од пополнување на потребната документација, без разлика дали станува збор за секојдневни активности или пак, дури и за најобични одлуки. Војниците се шегуваат дека украинската армија се претвора во „украинска хартиена армија“ – вели украинскиот новинар Микола Воробиов.

Тој додаде дека ваквото ниво на бирократија може да значи и чекање со часови за добивање наредба за возвраќање оган кон непријателските сили, што многу ги попречува инаку способните команданти на украинската армија.