Поранешниот француски претседател Никола Саркози е осуден на три години затвор поради корупција

Исти корупциски маки ги мачат и европските држави и оние на Балканот. Тоа е евидентно во многубројните извештаи на меѓународните организации на оваа тема. Суштинската разлика во проблемот е фактот дека во ЕУ функционираат правниот апарат и правната држава, додека во регионот нема примери во кои досега некој од високите кругови на власта одговарал за корупција пред судовите

Во Европската Унија расте листата на „проблематични деца“ во поглед на корупцијата, демократијата и владеењето на правото. Токму на листата за коруптивни лица во Европа од неодамна се додаде и пензионираниот висок европски лидер, поранешниот претседател на Франција Никола Саркози, откако францускиот суд му изрече тригодишна казна и го прогласи за виновен поради корупција и тргување со влијание. Пресудата што силно одекна во француската јавност за шеесет и шестгодишниот Саркози, кој е прогласен за виновен поради обид за поткуп на судијата Жилбер Азибер, кому му нудел престижна работа во Монако во замена за иформации за криминална истрага против неговата партија, истовремено ги наметна дилемите низ блокот дали европските политичари се корумпирани и може ли Унијата да ги врати во целост независното судство и владеењето на правото.

Во ЕУ никој не е над законот

Колумнистката на германски „Дојче веле“ и познавачка на европските состојби, Барбара Вазел, вели дека во Франција, а со тоа и во Европа, никој не е над законот. Според неа, доказ за таквата порака е всушност и последователната пресуда на францускиот суд, со која се докажа дека висок поранешен лидер и претседател на една земја во ЕУ, како Саркози, не е недостижен за правдата кога станува збор корупцијата и злоупотребата на службената позиција. Според Вазел, иако Унијата се соочува со проблеми од корупциски карактер, но и за владеење на правото и легислативата во некои земји, таа поседува ефикасен апарат, кој сепак функционира.
– Веќе неколку години судството во Франција, а со тоа и во ЕУ, зачестено ги истражува деликтите извршени од политичари, кои претходно би биле турнати под килим. Очекувањата на јавноста за праведен кривичен прогон против големите и малите пораснаа. Старите врски со судиите нудат сѐ помалку заштита, при што најновите истраги за сексуалните напади против големците на париското општество укажуваат на промена на климата во судскиот систем низ блокот – оценува Вазел.

Една третина од членките на ЕУ со проблеми со корупција

Во меѓувреме, на истава тема „Еурактив“ пишува дека појавата на висок степен корупција меѓу политичарите во ЕУ ја доведува во опасност иднината на еврозоната. Имено, според бриселскиот медиум, Унијата се бори да ги заштити демократијата и владеењето на правото. Како што анализира медиумот, Унгарија и Полска во моментов се во центарот на вниманието, бидејќи нивните влади се спротивставуваат на напорите да го поврзат финансирањето на ЕУ со почитувањето на владеењето на правото. Но фокусирањето исклучиво на Унгарците и на Полјаците го поткрепува обемот на европскиот проблем. Во неколку други земји на ЕУ неодамнешните скандали со корупцијата и полемиките за владеењето на правото отворија сериозни прашања во врска со здравјето на нивните демократски системи. На листата на земји што ги тресат корупциски скандали и проблеми со владеењето на правото се Бугарија, Романија, Словачка, Словенија, Хрватска, Малта и Кипар.
– Колективно, проблематичните демократии опфаќаат помеѓу една четвртина и една третина од 27-те влади што седат околу конференциската маса на ЕУ – наведува магазинот.

Паралелно на ова, додека Балканот и земјите од регионот во меѓународните анализи постојано се посочуваат како демократии со висока корупција и слабо владеење на правото во нивните системи, еден од последните извештаи на Европската комисија за борбата против корупцијата во 28-те земји-членки посочува дека корупцијата и понатаму е еден од предизвиците за Европа, што го чини европското стопанство стотици милијарди евра годишно. Според извештајот, земјите-членки претходните години презеле голем број иницијативи, но резултатите се нееднакви и потребно е да се направи повеќе за да се спречи и санкционира корупцијата. Во извештајот на ЕУ за борба против корупцијата се објаснува ситуацијата во секоја земја-членка на Унијата, за тоа какви антикорупциски мерки се спроведуваат, кои дејствуваат и што би можело и како да се направи за да биде подобро тоа. Извештајот покажува дека природата и нивото на корупцијата се разликуваат во земјите-членки и резултатот од мерките за борба против оваа појава може да бидат различен. Притоа, се наведува дека корупцијата заслужува поголемо внимание во сите земји-членки на ЕУ, но во исто време во извештајот не стои која земја-членка на ЕУ е најкорумпирана, а која најмалку.
Инаку, Саркози е втор бивш претседател осуден од францускиот суд. Во 2011 година Жак Ширак беше осуден за проневера и злоупотреба на народни пари додека бил градоначалник на Париз. Како и да е, Европа памети повеќе случаи во кои поради корупција и злоупотреба на службена позиција беа осудени на затворска казна поранешни премиери и лидери на политички партии.