Зачестената комуникација помеѓу Владимир Путин (лево) и Доналд Трамп нуди можности за подобрување на односите

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин се чини дека ги зачестија контактите во изминатите две недели како никогаш претходно, откако Трамп стапи на функција во 2016 година, додека Кремљ ги користи пандемијата и блиските врски меѓу двајцата лидери за да ги нормализира напнатите односи со Вашингтон, пренесува Си-ен-ен.

Трамп и Путин разговораа телефонски најмалку четири пати во изминатите две недели, од 30 март до неделата, што е претставува незабележана динамика во јавно познатите разговори помеѓу нив, според Си-ен-ен.

Двајцата лидери разговарале за пандемијата и за „војната“ за цените на нафтата што го дестабилизирала пазарот. Серијата повици уследи по кампањата на Кремљ која бараше соработка помеѓу Русија и САД против коронавирусот, преку медиумите за кои е познато оти Трамп ги следи, според Ендрју Вајс, потпретседател за студии на фондацијата Карнеги.

Повиците се случуваат во ситуација кога и Трамп и Путин се соочуваат со домашни политички предизвици и им нуди на лидерите начин да остварат победи. Но дел од аналитичарите меѓу кои спаѓа и Вајс сметаат дека комуникацијата носи и одредени ризици. 

– Подадената рака кон САД… е дел од долгорочниот план на Путин за подривање на кредибилитетот на САД како значаен смел играч во глобалниот систем, за подривање на нашите сојузништва, како и за создавање на долгорочна тензија помеѓу Трамп и неговиот тим за национална безбедност – тврди Вајс.

Односите помеѓу Русија и САД се комплексни откако Трамп стана претседател. Иако односот со Путин е топол, Вашингтон и наметна остри санкции на Москва поради низа на прашања, кои ги вклучуваат Украина, како и поддршката на Русија за Сирија и за Венецуела.

Досега не е забележана ваква зачестеност во меѓусебната комуникација помеѓу Трамп и Путин. Тие претходно разговараа телефонски 16 пати, а се сретнаа во живо во шест наврати, според податоците на Си-ен-ен, со што контактите зачестуваат за време на кризни ситуации.

– Мислам дека САД и Русија можат да си помогнат меѓусебно, ако не сега, тогаш по пандемијата. Дали и во кој степен Американците ќе понудат нормализација на односите зависи исклучиво од нас – заклучува Мет Роџански, дирекрот на институтот Кенан при меѓународниот центар Вудроу Вилсон.