Реакцијата на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини следува откако коментарите на шефот на ЕК доведоа до пад на вредноста на акциите на италијанските банки и зголемување на трошоците за задолжување на Италија

Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини се закани дека ќе го тужи Жан Клод Јункер, обвинувајќи го шефот на Европската комисија дека со споредбите на Италија со Грција, ги зголемил трошоците на Рим за задолжување. Салвини реагираше по коментарите на Јункер, кои доведоа до пад на вредноста на акциите на италијанските банки.

– Претседателот на ЕК, Јункер, го зголеми хаосот со изедначувањето на Италија со Грција. Тој би требало да испие две чаши вода пред да ја отвори устата и да запре со ширењето непостојни закани. Или, пак, ќе побараме од него да плати отштета – предупреди вториот човек на италијанската влада.

Јункер неодамна изјави дека ветувањето на италијанската владејачка коалиција дека ќе инсистира на буџетскиот дефицит ги крши правилата на ЕУ и му се заканува на постоењето на еврото. Салвини порача дека Брисел го преувеличува влијанието на усвојувањето на планираниот буџетски дефицит од 2,4 отсто за наредните најмалку три години. Тој истакна дека зголемувањето на трошоците за финансирање на италијанскиот долг е по вина на претставниците на ЕУ, кои ги исплашиле инвеститорите и го зголемиле јазот помеѓу италијанските и германските трошоци за задолжување.

– Зборовите и заканите од Јункер и другите европски бирократи продолжуваат да го зголемуваат јазот, за да ги нападнат владата и италијанската економија. Подготвени сме да побараме отштета од оние што ѝ мислат зло на Италија – додаде Салвини.

„Гардијан“ оценува дека бескомпромисниот став на владејачката коалиција во Рим може го зголеми долгот на Италија, кој лани изнесуваше 131,2 отсто од БДП на земјата.

Ваквиот развој на настаните доведе до продажба на италијанските владини обврзници и пораст на каматните стапки што ги наплаќаат заемодавците на Италија како инвеститори, стравувајќи дека земјата се приближува до банкрот.

Италијанската влада тврди дека усвојува долгогодишна стратегија со која ќе ја извлече Италија од економските проблеми. Рим инсистира дека контроверзните планови за трошење ќе го забрзаат економскиот пораст и ќе им стават крај на повеќедецениското стагнирање на порастот, високата невработеност кај младите и сѐ помалото плаќање даноци. Експерти од италијанското министерство за финансии очекуваат буџетскиот дефицит да достигне 2,4 проценти, во споредба со ланските 2,3 отсто. Сепак, тие се надеваат дека комбинацијата на трошење, од што најголем дел на здравството, и интензивирање на инфраструктурни проекти ќе ја зголемат личната потрошувачка за да го зголемат порастот на БДП, кој лани изнесуваше 1,6 отсто.

Јункер во текот на викендот изјави дека е загрижен за плановите за јавниот долг на Италија, кој пропорционално е втор по големина, веднаш под грчкиот долг.

– Италија се оддалечува од буџетските цели што заедно ги договоривме на ниво на ЕУ. Не посакувам да дојдеме до тоа, откако конечно успеавме да се справиме со грчката криза, да завршиме со иста криза во Италија – предупреди првиот човек на ЕК.