Многумина се мачат да се прилагодат на новите мерки за спречување на коронавирусот во Италија, каде што вообичаени се големите семејни собири и поздравувањето со два бакнежа, пренесува „Политико“.

Најпогодената држава во Европа досега забележа 4.600 заболени и безмалку 200 смртни случаи, поради што власта одлучи да ги откаже јавните собири, препорачувајќи им на луѓето да одбегнуваат гестови на нежност, што премиерот Џузепе Конте смета дека придонесе за „значителна промена на животниот стил“.

Апелите за „обединување, но на дистанца“ се покажаа особено тешки за Италијанците кои претпочитаат да изразуваат нежност при среќавањето со блиските.

– Во италијанската култура вкоренети се гушкањето, бакнувањето и ракувањето – вели Џанлука Бјанки од Рим, додавајќи дека не забележал никој што се придржува до новите мерки.

Првиот човек на службата за цивилна заштита на Италија Анџело Борели смета дека природата на Италијанците придонела за ширење на вирусот, признавајќи оти почитувањето на мерките би било неприродно за него.

– Имаме колективен социјален живот, експанзивен, имаме контакт, се ракуваме, се бакнуваме, се гушкаме. Можеби е најдобро во овој период да избегнуваме контакт што за мене би била голема промена во однос на начинот на кој вообичаено се однесувам – истакна Борели.

Препораките предизвикаа загриженост меѓу дел од Италијанците кои стравуваат дека промената во однесувањето ќе ги наруши нивните лични односи со блиските луѓе.

По карантинот воведен во неколку градови во близина на Милано, како и во Венето, италијанските медиуми се исполнети со приказни во стилот на Ромео и Јулија за млади љубовници кои се разделени во т.н. „црвена зона“. Забележани се и случаи на бегство од карантин со цел за остварување на средби со љубените.

Експертите сметаат дека промената во однесувањето на Италијанците што избивањето на заразата би можело да ја предизвика, ќе зависи од траењето и сериозноста на епидемијата. Во секој случај, јасно е оти почитувањето на мерките во Италија ќе биде тешко, заклучува „Политико“.