Во Италија почина и трето лице заразено со коронавирус, соопшти регионалниот претставник на Ломбардија, Џулио Галера.

Тој рекол дека жртвата е повозрасна жена од градот Крема, покрај Милано и дека таа боледувала од рак, пренесе Си-ен-ен.

Другите две лица починаа во изминатите 48 часа како последица на заболување од коронавирус.

Се смета дека епидемијата на болеста во Италија е најголема надвор од територијата на Азија.

Во светот, од коронавирусот починаа 2.465 лица, заразени се 79.930, додека надвор од Кина забележани се 20 смртни случаи.


Карневалот во Венеција прекинат поради коронавирусот

Последните два дена од карневалот во Венеција, кој привлекува туристи од целиот свет, се откажани поради коронавирусот, изјави гувернерот на регионот Венето, Лука Заја.

Тој најави дека планираните активности за денеска ќе се одржат.

– Прекинува карневалот, како и сите други настани, вклучувајќи ги и спортските – рече Заја.

Тој претходно соопшти дека во Венеција се потврдени два слуачи на коронавирусот.

Десет градови во Италија се во изолација откако беа потврдени два смртни случаи од вирусот.

Една од главните дилеми е кој е нулти пациентот во Италија, односно првиот пациент кој го проширил вирусот. Прв потврден случај е 38-годишник кој е на интензивна нега. Тој ги заразил и неговата бремена сопруга и уште еден пријател.

Се верува дека тој го добил вирусот од пријател од Кина со кој бил на вечера пред неколку недели во Италија. На пријателот биле спроведени тестови и се покажало дека тој нема коронавирус. Се истражува дали е можно да го прележал без симптоми, односно дали бил асимптоматски носител на вирусот.

Во Италија досега се потврдени 130 пациенти со коронавирус.


Армани ќе одржи ревија без публика во Милано 

Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани одлучи да одржи ревија зад затворени врати во рамки на Миланската модна недела поради ширењето на коронавирусот во Италија.

Ревијата ќе се одржи без публика, но ќе биде снимена и прикажана во живо на веб-страницата на Армани, соопшти компанијата.

Националната комора на италијанската модна индустрија, која ја организира ревијата, соопшти дека Армани е прв кој донел таква одлука.

Во Италија најголем број на случаи на заразени со коронавирус се забележани во Ломбардија, чиј административен центар е градот Милано.