Шефот на италијанската дипломатија, Луиџи ди Мајо, предупреди дека Италија повеќе нема да прифаќа илегални мигранти, што претставува радикален пресврт за левичарската коалициска влада на Италија, пренесува „Фигаро“.

Министерот Ди Мајо неделава се сретна со тунискиот претседател Каис Сајед заедно со министерката за внатрешни работи, Лусијана Ламоргезе, и двајца европски комесари. По состанокот, Ди Мајо изјави дека Италија целосно ќе го поддржува Тунис во борбата против нелегалната миграција.

Ди Мајо додаде дека нема сомнеж оти оние што пристигнуваат во Италија ќе бидат принудени да заминат и додаде дека и Италија и Тунис се активно вклучени во преговори за изнаоѓање формули за билатерална соработка.

Италија има за цел да ги зајакне политичките и економските врски со Тунис и вети финансиска поддршка за зголемување на работните места во внатрешните региони на земјата за да го спречи економскиот поттик за илегална миграција.

Италија минатата година забележа пораст од 150 отсто на новите пристигнувања на мигранти. Во последните неколку недели, голем пораст има кај мигрантите кои пристигнуваат на островите Лампедуза и Сицилија, а огромно мнозинство од нив доаѓаат од Тунис.

Кон крајот на минатиот месец беше објавено дека мигрантските чамци пристигнуваат на Лампедуза во просек на секој час, а локалниот градоначалник Тото Мартело се закануваше дека ќе прогласи вонредна состојба поради големиот прилив.

Само неколку дена подоцна, Мартело рече дека на островот нема простор за карантин за мигрантите кои може се заразени со ковид-19. Во Центарот за прием на мигрантите на островот, изграден за сместување на 95 мигранти, претходно месецов беа сместени најмалку 950.

Грција, која исто така беше жариште за пристигнувањата на мигрантите, во последните месеци зазеде построг пристап кон мигрантите, спречувајќи премин на десетици илјади на почетокот од оваа година, пред избувнувањето на пандемијата на коронавирус.

Во последните недели, и Велика Британија забележа голем прилив на мигранти, а иако владата на премиерот Борис Џонсон изјави дека размислува да ја распореди Кралската морнарица за да ги врача чамците, досега мигрантите непречено пристигнуваат на британските брегови скоро секој ден.