Највисокиот суд во Италија пресуди дека одгледувањето на мали количини канабис во домашни услови е легално, а одлуката предизвика барања за понатамошно легализирање на оваа билка, но и гнев кај конзервативците.

Повикан да ги разјасни спротивставените толкувања на законот, италијанскиот суд пресуди дека кривичното дело одгледување психотропни супстанци треба да исклучи помали количини одгледувани во домашни услови за ексклузивна употреба на одгледувачот, соопшти „Ројтерс“.

Пресудата беше изречена на 19 декември, но мина незабележано до вчера кога беше соопштена од италијанските новински агенции, со што стартуваше и жестока дебата за употребата на канабис во Италија.

– Судот го отвори патот, сега зависи од нас – изјави Матео Мантеро, сенатор од Движењето Пет ѕвезди.

Мантеро поднесе амандман на буџетот за 2020 година, во кој се повикува на легализација и регулирање на користењето канабис за лични потреби, но претседателот на Сенатот од конзервативната партија на Силвио Берлускони го одби предлогот.

– Дрогата предизвикува штета, заборавете на нејзино одгледување и купување во продавница – порача денеска Матео Салвини, лидер на десничарската „Лига“.