Италија не постигнала договор со Германија за да ги прифаќа вратените мигранти кои претходно побарале азил на нејзина територија, изјави италијанскиот вицепремиер Матео Салвини и побара повеќе отстапки од Берлин.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер вчера соопшти дека Берлин постигнал договор со Рим за враќање од германска граница на мигранти кои веќе поднеле барање за азил во Италија, и изрази очекување дека наскоро ќе биде потпишан.

– Само што дознав дека е постигнат договор и со Италија. Ни требаат само двата потписи – на италијанскиот колега и мојот – рече Зехофер во Бундестагот и додаде дека тоа најверојатно ќе потрае неколку дена.

Салвини рече дека добил уверувања оти за секој мигрант кој Германија ќе и го врати на Италија, германските власти ќе примат еден кандидат од Италија.

Тој побара од Берлин уште две отстапки – преразгледување на Даблинскиот договор кој се однесува на кандидатурите за азил и за европската мисија за спасување мигранти во Средоземното Море „Софија“.