Италија дозволи влез на 47 мигранти кои две недели останаа на брод за спасување, потврди премиерот на земјата Џузепе Конте, а пренесе „Ројтерс“.

Мигрантите беа спасени на брегот на Либија од страна на германскиот хуманитарен брод „Си-Воч 3“, на кого претходно не му беше дозволен пристап на брегот во Сицилија. Според информациите, поголемиот дел од спасените мигранти на бродот се малолетни.

– За неколку часа, тие ќе влезат во Италија – изјави Конте за новинарите.

Италијанскиот премиер Конте дополнително информираше дека Германија, Франција и Малта се меѓу земјите од Европската унија кои се согласија да примат дел од мигрантите. Луксембург е уште една од земјите во која ќе заминат дел од мигрантите, а останатите ќе останат во Италија.

Властите во Италија пред овие случувања имаше строги правила за бродовите кои спасуваат мигранти и воопшто не им дозволуваше пристап до пристаништата. Заменик премиерот на Италија, Матео Салвини во медиумите неколку пати изјави дека италијанските пристаништа се затворени за ваков тип на бродови.