Марио Драги, поранешен гувернер на Европската централна банка, ја прифати функцијата премиер на Италија и претстави нова влада на политичари и технократи кои треба да ја извлечат Италија од политичката криза среде пандемија.

Портпаролот на претседателската палата вечерва објави дека Драги ја прифатил функцијата во Квиринал на состанокот со претседателот Серџо Матарела, кој го назначи за мандатар на 3 февруари, откако Џузепе Конте мораше да поднесе оставка на 26 јануари по распадот на владината коалиција.

Познат како „Супер Марио“ по неговата улога во должничката криза во еврозоната во 2012 година, Драги треба да положи заклетва в сабота, а на почетокот на следната недела да побара гласање за доверба во парламентот.