Над стотина мафијаши, членови на калабриската мафија ‘Ндрангета, побарале и добиле социјална помош наменета за најсиромашните Италијанци, коjа сега ќе мора да ја вратат, објави во средата италијанската полиција.

Меѓу мафијашите, вкупно 101 на број, има и многу богати луѓе блиски до босовите на ‘Ндрангета, кои имаат високи хиерархиски позиции во организацијата, се вели во соопштението на калабриската полиција.

Меѓу корисниците на социјална помош бил и Алесандро Панунци, син на „италијанскиот Пабло Ескобар“ – Роберто Панунци, се вели во соопштението.

Во извештајот се наведува дека Роберто Панунци американските и италијанските инспектори го сметаат за најважниот „брокер“ со кокаин во светот, кој во некои прилики се фалел дека не брои пари, туку ги мери.

Неговиот син Алесандро Панунци воедно е сопруг на ќерката на еден од главните колумбиски производители на кокаин, прецизираат од полицијата.

Истрагата опфаќа повеќе од 500 осомничени, но само стотина ќе треба да ги вратат проневерените износи, во вкупна вредност од околу 516.000 евра.

Како социјална помош во просек се предвидени по околу 780 евра месечно.