Италијанските доктори се соочуваат со тежок избор за време на масовното ширење на коронавирусот во нивната држава. Недоволниот број кревети за заразените, како и ограниченото количество на респираторна опрема ги става докторите во тешка позиција, бидејќи тие не знаат на кој пациент попрво да дадат приоритет за лечење. Според новите упатства, на докторите им е наредено да ги спасуваат помладите и поздрави пациенти, пренесува „Политико“. 

Во областа Ломбардија, жариштето на коронавирусот во Италија, недостатокот на кревети и медицинска опрема го прави изборот на докторите сѐ потежок. Со постојано зголемување на бројот на заразени, докторите и болниците се приморани постојано да импровизираат и да се прилагодуваат. Некои одделенија од болниците се целосно затворени, операционите сали се прилагодени за заразените од вирусот, а докторите работат исцрпувачки смени поради намалувањето на персоналот откако одредени доктори заболеа од вирусот и не се во состојба да се грижат за пациентите.

– Мораме да одбереме кого ќе лекуваме, а изборот е во рацете на луѓето кои честопати се наоѓаат во етичка дилема на кој од заболените да дадат приоритет – изјави доктор од една од најголемите болници во Милано. 

Докторот додава дека капацитетите на одредени провинции, како Бергамо, Лоди и Павија, се максимално истрошени. 

Засега, наредено им е на докторите да трошат ресурси за оние пациенти кои се помлади, посилни и немаат некои хронични заболувања, бидејќи тие имаат поголема шанса да го победат вирусот.

– Не сакаме никого да дискриминираме. Но, ние сме свесни дека телата на послабите и поизнемоштени пациенти не можат да издржат одредени третмани – изјави Луиџи Ричиони, анестезиолог и раководител на етичкиот комитет на Италијанското друштво за анестезија, реанимација и интензивна нега. 

Со објавувањето на новите препораки и упатства, Ричиони вели дека докторите и медицинскиот персонал не треба да бидат оставени сами на себе пред „толку тешка етичка одлука“.

– Притисокот врз докторите е огромен, многумина од нив постојано се под стрес. Некои доктори плачат поради состојбата во нивните болници, која е лоша. Тие не можат да се грижат за сите пациенти подеднакво, бидејќи побарувачката ги надминува ресурсите – изјави Џулио Галера, советник за благосостојба на Ломбардија. 

Одлуката да се стави целата земја под карантин беше добредојдена од докторите ширум Италија. Но, други ја обвинуваат власта, бидејќи според нив, требало да реагира побрзо, со цел сите области да бидат на иста страница и да делуваат усогласено. 

Протекот на нацрт-документ што беше објавен во водечките весници, на еден ден пред воведување на карантинот предизвика паника кај граѓаните, а илјадници од нив се обидоа да се спуштат во југот на земјата, со цел да го избегнат карантинот. 

Сега, здравствените власти се подготвуваат за доаѓањето на вирусот во јужниот дел на земјата. Северниот и централниот регион на Италија се најбогати, произведуваат 40 отсто од националниот БДП, а покрај тоа имаат и најдобро здравство. Ситуацијата не би била иста на југ, каде што би ризикувале катастрофа, заклучуваат докторите.