Италијанската полиција, како што пишуваат медиумите во регионот, извршила претреси во домовите на противниците за вакцинација кои се осомничени за планирање насилство низ целата држава.

Полицијата и специјалните истражители во Италија собраа докази во домовите на осомничените антиваксери, вклучувајќи ги и нивните компјутери, оружје, како што се катани, сабји и солзавец, соопшти полицијата.

Антиваксерите во Италија оформија неколку групи на апликацијата „Телеграм“.

Таму тие презентираа планови за купување оружје, а некои од нив дури и се јавија во продавници за оружје и се распрашуваа, пренесуваат агенциите.

Полициски претреси биле спроведени во Рим, Милано, Бергамо, регионот Емилија, Венеција и Падова.
Противниците на рестриктивните мерки воведени поради коронавирусот во Италија, излегоа на улиците неколку пати во последниве недели.

Организаторите на групата „Но вакс“ неодамна ги повикаа поддржувачите да го блокираат пристапот до станиците низ целата земја, за да се спротивстават на новите правила за патниците во возовите. Меѓутоа, многу малку демонстранти се појавиле на закажаните места.

За патување со воз во Италија, потребен е доказ за вакцинација, доказ за прележан ковид-19 или негативен тест.