Враќањето дома на Италијанката која беше во заложништво на терористичка група во Сомалија, се чинеше дека ќе претставува повод за радост за нацијата што се мачеше во справувањето со кризата предизвикана од пандемијата, пишува европското издание на магазинот „Политико“. Но, тврдењата според кои италијанската влада платила откуп од неколку милиони евра за да го обезбеди враќањето на 24-годишната Силвија Романо, го засенија славјето. Италија се сомничи за плаќањето на откуп за враќање на нејзините киднапирани граѓани, иако државата го негира тоа.

Терористичката група Ал Шабаб (поврзана со Ал каеда) која е одговорна за киднапирањето, соопшти дека ќе ги искористи парите од откупот, платен од италијанската влада, за да „купи оружје за џихад“.

Контроверзите се засилија по тврдењата дека Романо преминала во ислам. При излегувањето од авионот по слетувањето во Рим, каде што беше пречекана од семејството и од италијанскиот премиер Џузепе Конте, Романо носеше зелен хиџаб.

Набргу таа стана цел на жесток говор на омраза на Интернет, како и закани по нејзиниот живот, поради што доби полициска заштита пред нејзиниот дом.

Романо беше киднапирана во ноември 2018 година во градот Чакама во Кенија, додека работеше за италијанска невладина организација што се занимава со хуманитарна работа. Полицијата верува дека потоа била однесена во Сомалија.

Италијанските медиуми известија оти Романо ѝ кажала на полицијата дека со неа секогаш постапувале добро и оти киднаперите ја уверувале оти нема да биде убиена или измачувана. Во разговорот со полицијата Романо истакнала дека преминувањето во ислам било „слободен избор“, до кој дошло кон средината на времето поминато во заробеништво. Таа побарала нешто за читање по што ѝ дале англиска верзија на Куранот. Нејзините киднапери ја учеле ѝ арапски, објаснувајќи ја нивната религија и култура. Нејзиното семејство, пак, сугерираше дека Романо ја сменила верата под притисок додека живеела во заложништво.

Опозициските партии истакнаа дека менувањето на религијата од страна на Романо претставува пропагандна победа за терористите, како и дека парите од откупот би можеле да бидат искористени за финансирање на напади врз цивили. Ал Шабаб стои зад бројни напади врз населението во Кенија.

– Дали сум среќен поради враќањето на Романо? Воопшто не сум. Сега имаме еден муслиман повеќе и четири милиони евра помалку – истакна Масимо Џиорети од ултрадесничарската партија „Браќата на Италија“ во објава на Фејсбук.

Дел од италијанската јавност смета дека плаќањето откуп ги прави Италијанците можни цели на киднапирање.

Силвија Романо со италијанскиот премиер Џузепе Конте