Исчезнаа тројцата тајландски активисти кои се соочуваат со обвиненија за навреда на монархијата, откако наводно биле уапсени во Виетнам.

Заменик-премиерот на Тајланд, Правит Вонгсуван, негира дека активистите се притворени од страна на Тајланд.

– Виетнам не организирал екстрадиција. Немаме примено никакво барање. Доколку се појави, тоа ќе биде преку министерството за надворешни работи и полицијата – изјавил Правит за новинарите.

Чучип Чивасут, кој емитуваше политички коментар за Тајланд од егзил, и неговите содружници, активистите Сиам Теравут и Кристина Таптаи, наводно, биле предадени на тајландските власти од страна на Виетнам на 8 мај, стои во изјавата на тајландската алијанса за човекови права.

– Враќањето на тројцата активисти од Виетнам во Тајланд треба да ја разбуди меѓународната заедница – изјавил Бред Адамс, директор на „Хјуман рајтс воч“ во Азија.

Граѓаните се загрижени за состојбата бидејќи се забележани повеќе исчезнувања и смртни случаи на политички активисти кои се против воената влада и ја критикуваат монархијата.