Првите авганистански бегалци пристигнаа во САД и во Велика Британија

Првите бегалци од Авганистан пристигнаа во САД и во Велика Британија по евакуацијата исполнета со неизвесност, останувајќи со бројни неодговорени прашања за нивната иднина, пренесуваат американските и британски медиуми, кои го опишуваат искуството на Авганистанците што дојдоа во нивните држави, бегајќи од талибанското владеење.

Вкупно 300-те патници на летот на „Јунајтед ерлајнс“ од воздушната база „Рамштајн“ во Германија, се прашуваа колку долго ќе трае летот и каде ќе слетаат. Дел од нив бараа лекарска помош, додека децата ја молеа посадата да леб и за слатки. Дестинација на деветчасовниот лет беше американската сојузна држава Вирџинија, каде што по слетувањето Авганистанците беа распоредени низ воени бази во САД. Овие луѓе успеаја да избегаат од Кабул, додека илјадници се уште се обидуваат да го сторат истото од аеродромот во главниот град на Авганистан.

Новинарката на американскиот магазин „Атлантик“, Илејн Годфри, разговараше со дел од бегалците по нивното пристигнување во САД, со што ги слушна нивните први впечатоци.

„Јас сум среќен каде било во САД“ кажал 35-годишниот Авганистанец кој 15 години работел како преведувач за американската војска. Тој истакнал и дека ќе се обиде да ги донесе во САД неговата сопруга и четирите деца кои останале во Авганистан.

Некои од бегалците имаат роднини во Америка, како што е случајот со 18-годишната Катира која пристигнала во САД со нејзината мајка и помлада сестра. Постарата сестра на Катира живее во Калифорнија. Токму таа обезбедила документи за евакуација на нејзиното семејство.

– Безбедни сме и можеме да одиме на училиште и да учиме. Решението за нас е добро – истакнала младата Авганистанка.

Белгаците пристигнаа боси и тресејќи се, но останаа неверојатно мирни, како што опишуваат волонтерите кои ги прифатија Авганистанците што дојдоа во Обединетото Кралство. Меѓу евакуираните има околу 2.200 деца.

Дел од пристигнатите губеле свест поради исцрпеноста, со што итно биле пренесени во болница

– Овие луѓе беа екстремно исцрпени. Тие ја поднесуваа евакуацијата стоички и достоинствено, и покрај тоа што тешко чекореа – вели Дара Ленард од британскиот Црвен крст, која ги пречека првите авганистански бегалци што пристигнаа на лондонскиот аеродром „Хитроу“ минатата недела.

Итните служби ја опишаа ситуацијата на британските аеродроми како шокантна, додека илјадници бегалци беа прифатени пред да бидат пренесени до хотели оддалечени и повеќе од 100 километри, каде што ќе поминат 10 дена во карантин.

Од Кабул беа евакуирани околу пет илјади британски државјани со нивните семејства и повеќе од осум илјади Авганистанци кои соработуваа со британскиот персонал, како и нивните најблиски.