Повеќето земји-членки на ЕУ не го испочитувале законскиот рок за воведување јавни регистри на вистинските сопственици на компаниите, мерка за транспарентност што се смета за клучна во борбата против перењето пари и корупцијата, предложена од европските антикорупционери и донесена во мај 2018 година. ЕУ ја донесе ваквата директива за да ги обврзе земјите-членки на Унијата да објават регистар на реалните сопственици на компаниите што се под нивна надлежност до јануари оваа година, пишува лондонски „Гардијан“.

Ваквото барање од институциите на ЕУ доаѓа по скандалот со даночните затајувачи и даночните оази, познат како „Панама пејперс“, во кој, меѓу другото, разни компании беа обвинети за перење пари и корупција, но и за незаконско финансирање криминални активности и терористички организации.

Два месеца откако измина крајниот рок во кој на европските влади им беше наложено да ги евидентираат компаниите во централниот регистар на информации, истражувачката групација „Глобал витнес“ објави податоци дека само шест членки на ЕУ ги имплементирале барањата за транспарентност утврдени од Брисел. Една од земјите е и Британија, која иако ја напушти ЕУ, се обврза да ги почитува директивите дадени од Брисел и ги објави податоците за сопствениците на компаниите што дејствуваат на нејзина територија.