Личниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, Руди Џулијани, е цел на истрага на федералните обвинители во Њујорк поради можно прекршување на законот за лобирање. Истрагата, според еден од изворите, се однесува на обидот на Џулијани за дискредитација на бившата американска амбасадорка во Украина, Мари Јованович, наведува „Њујорк тајмс“.

Двајца бизнисмени од Флорида, поврзани со Џулијани, во четвртокот беа обвинети за непочитување на федералните закони за финансирање на политичките кампањи. Според весникот, бизнисмените имале клучна улога во обидот на адвокатот на Трамп да поведе истрага за корупција во Украина против демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден и неговиот син Хантер Бајден.

Јованович сведочеше зад затворени врати во Конгресот, во рамките на истрагата за импичмент на американскиот претседател, при што истакнала дека Трамп извршил притисок врз Стејт департментот да ја смени од функцијата. Таа изјавила дека одлуката на нејзините надредени се темели врз неосновани и лажни тврдења на „лица со очигледно сомнителни мотиви“.

– Не можев да поверувам дека сум сменета, и покрај убедувањата од Стејт департментот дека не сум сторила ништо лошо – порачала Јованович пред Конгресот.
Според транскриптот од разговорот на американскиот претседател со украинскиот лидер Володомир Зеленски, Трамп му порачал дека Јованович е „лицето што треба да се отстрани“, поради наводните обиди за поткопување на неговата политика.

Двајца соработници на Џулијани, Лев Парнас и Игор Фруман, беа уапсени во четвртокот на аеродромот во Вашингтон, додека се обидувале да се качат на меѓународен лет со билет во еден правец. Тие се обвинети за пренасочување нелегални политички донации од Русија кон комитетот што ја поддржувал кампањата на претседателот Трамп и други политичари.