Во моментов на светската сцена два огромни енергетски и бизнис-центри, Кина и Иран, преку ново стратегиско партнерство ги здружуваат силите во зделка на векот за заеднички настап на глобалниот пазар, во кој тие ќе прераснат во конкуренти на западната економија

Бизнис-зделка на векот меѓу Иран и Кина вредна 400 милијарди долари

Соработката меѓу Кина и земјите од Блискиот Исток не е ништо ново за глобалната политиката. Веста дека Кина и Иран минатата недела потпишаа 25-годишен договор за економска и воена соработка, вреден 400 милијарди долари, одекна како бомба во светската јавноста, а некои од новинските извештаи веќе го окарактеризираа дека тој ќе биде пресврт за американската политика кон Исламската Република Иран, но и регионот што многу години е заробен во редот на американските санкции. Ова меѓу другото во своја анализа го наведува угледниот магазин „Форбс“, кој пишува дека старо-новото стратегиско партнерство меѓу Техеран и Пекинг ќе им овозможи на Кинезите сигурна стратегиска позиција, а од друга страна ќе ги зајакне иранската економија и регионална моќ.

Што содржи договорот

Станува збор за кинески инвестиции во десетици области, вклучувајќи банкарство, телекомуникации, пристаништа, железници, здравствена заштита и информатика технологија. Од она што е објавено во светските медиуми каде што некои го нарекоа и „договорот на векот“ стои дека за возврат, Кина би добила редовно снабдување со иранска нафта по многу разумна цена. Во исто време документот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Кина и Иран, Ванг Ји и Џавад Зариф, исто така содржи и одредби за продлабочување на воената соработка, вклучувајќи и заеднички тренинзи и вежби, заеднички истражување и развој на оружје, како и размена на разузнавачки информации меѓу двете земји. Според еден од најдобрите експерти за кинеско-ирански односи, поранешниот дописник на „Танјуг“, Борислав Коркоделовиќ, економските компоненти на договорот се веќе добро познати и договорени меѓу двете страни, додека во периодот што следува ќе се допрецизираат воените и безбедносните сегменти. Во изјава за медиумите тој вели дека спроведувањето на договорот ќе биде од големо стратегиско значење, како за регионот така и за светската геополитика.
– Една од клучните земји на Блискиот Исток и Западна Азија, Иран, е под сериозни санкции на САД и, исто така, беше силно погодена од пандемијата на коронавирусот. Затоа, во Техеран потпишувањето на договорот се гледа со големи надежи – оценува Коркоделовиќ. Инаку, на внатрешен план, договорот може да биде економската сламка за спас на Иран, тој ќе ја зачува неговата истоштена од санкции економија по пат на сигурна продажба на иранскиот гас и нафта во Кина. Покрај тоа, Иран ќе биде во можност да ги користи како џокер своите стратегиска врски со Кина во сите можни идни преговори со западните земји, имајќи ја како предност и својата способност за проширување на кинеското влијание врз територијата на Персискиот Залив. На долгорочен план, иранската стратегиска блискост до Кина укажува дека Техеран полека но сигурно ја приспособува својата досегашна происточна политика, за да ја зајакне регионалната воена моќ и да го поткопа американското влијание во Персискиот Залив.

Какво значење има договорот за Кина?

Што се однесува до Кина, овој пакт може да помогне во гарантирањето на нејзината енергетска безбедност. Имено, Персискиот Залив обезбедува повеќе од половина од енергетските потреби на оваа земја. Оттука, како што пишува на оваа тема „Нешенл интерест“, постојаната и сигурна слободна навигација преку заливот е од огромно значење за Кина. Саудиска Арабија, која е докажан сојузник на САД, во последно време стана најголем кинески снабдувач на сурова нафта. Оваа силна зависност е во директна спротивност со генералната кинеска политика за разновидност во однос на енергетските извори и непотпирање само врз еден енергетски снабдувач (другите нејзини арапски нафтени снабдувачи од Персискиот Залив одржуваат блиски безбедносни врски со САД). Во исто време, како што пишува американскиот магазин, Кина стравува дека сега, додека се засилува трговската војна меѓу двете држави, САД би можеле да извршат притисок врз овие земји, очекувајќи од нив да не го снабдуваат Пекинг со потребната енергија. Сепак јасно е дека со сеопфатното стратегиско партнерство со Иран, Кина ќе обезбеди редовен гарантиран и евтин извор на енергија.

Стратегиското поврзување Кина – Иран тежок удар за САД

Во меѓувреме овој меѓусебен договор е доказ дека стратегијата на максимален притисок од страна на поранешната администрација на Трамп доживеала голем неуспех, не само што не успеала да ги контролира Иран и неговото регионално однесување туку и го натерала Техеран да се „фрли“ во прегратката на Пекинг. Повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран во 2018 г., како и постепеното воведување политика на максимален притисок беа последните обиди на американските власти за запирање на растечкото иранско влијание во регионот. Иако ваквата американска политика изврши силен удар врз економијата на Иран, сепак, таа досега не успеа да ги смени амбициозните регионални и воени политики на оваа држава. Како резултат на сево ова, договорот меѓу Кина и Иран дополнително ќе ја поткопа силата на САД, поплочувајќи го кинескиот пат кон поактивна улога во животот на Блискиот Исток.