Нафтали Бенет (десно) се ракува со Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот парлaмент Кнесет вчера ја одобри новата владина коалиција, со што од власт беше симнат досегашниот долгогодишен премиер Бенјамин Нетанјаху. Нафтали Бенет ќе ја предводи новата влада.

Нетанјаху помина 12 години на функцијата со што беше еден од најдолгорочните премиери во историјата на Израел. Мандатот на искусниот политичар беше проследен и со контроверзи поради обвиненијата за корупција, а тој не успеваше да оформи одржлива влада по четирите избори одржани во изминатите две години.

– Ова е празник за медиумите, но тежок ден за милионите граѓани на Израел. Барам од вас да не се разочарувате. Ние ќе се вратиме – кажа Нетанјаху кој е лидер на партијата Ликуд.

Бенет одржа говор со помирувачки тон, во пресрет на гласањето за новата влада, заблагодарувајќи му се на Нетанјаху за неговото лидерство во Израел. Се смета дека Бенет е првиот израелски премиер кој е посветен верник, како што наведува „Форин полиси“, додавајќи дека тој се залага за анектирање на 60 отсто од територијата на Западниот Брег, со договор за автономија за тамошните палестинци.

Новата владина коалиција исто така, веќе се соочува со скептицизам, со што осумте политички партии кои ја сочинуваат, имаат значителни идеолошки разлики. Бенет кој е лидер на десничарската партија Јамина успеа да состави коалиција од десничарски и левичарски партии. За првпат по повеќе од 40 години во владејачкото мнозинство ќе има и арапска политичка партија.

Коалицијата беше обединета под желбата за симнување на Нетанјаху од власт. Поранешниот премиер останува на чело на најголемата политичка партија во парламентот, а владата на Бенет беше изгласана со најтесната разлика од 60 наспроти 59 гласови.

Бенет ќе ја извршува премиерската функција во текот на две години, пред да биде заменет од Јаир Лапид, според коалицискиот договор. Лапин дотогаш ќе биде министер за надворешни работи во новата влада.