Најголемиот турски град Истанбул се подготвува за повторното гласање за градоначалник на градот, откако резултатите на мартовските избори беа прогласени за нелегитимни, јавува британски „Гардијан“.

Турската изборна комисија ја прифати поплаката од владеачката партија Правда и развој (АКП) за повеќе различни нерегуларности на гласањето на 31 март, на кое највеќе гласови освои опозицискиот кандидат Екрем Имамоглу. Според медиумите, овие резултати беа најголем предизвик за владеењето на партијата на Реџеп Таип Ердоган во неговите 16 години како лидер на Турција.

Граѓаните на Истанбул гласале 13 пати од 2002 година, на парламентарни и локални избори, како и на референдуми.

– Изгледа дека и јавноста и политичарите се исцрпени од новата рунда на кампањи, но целата земја е свесна дека влоговите во недела се многу високи. Губењето на контролата на најголемиот град во Турција кој е срцето на економијата во земјата би бил неприфатлив резултат за владеачката АКП – сметаат од „Гардијан“.

По жестоката кампања, различните меѓусебни обвинувања и големиот број на јавни настапи, анкетите покажуваат дека предноста од 0,2 отсто на опозиционерот Екрем Имамоглу пред Бинали Јилдирим од владеачката АКП на Ердоган од март до сега се има зголемено.