Халима била назначена да изврши самоубиствен напад на пазарот во Чад. Нејзина мисија била да усмрти колку што може повеќе луѓе, на што била принудена од страна на терористичката група Боко Харам. Но таа, сепак, преживеала, пишува „Шпигел“.

Халима вели дека имала убаво и мирно детство во Гомером Даму и дека го сака тоа парче земја. Но тој мирен живот завршил дента кога морала да ги следи стапките на нејзиниот сопруг до кампот на терористичката група Боко Харам. Неколку години подоцна, речиси го загубила животот како бомбаш-самоубиец. Таа преживеала, но во експлозијата останала без двете нозе.

Халима се омажила кога имала 14 години, без да биде земено в предвид нејзиното мислење. Нејзиниот сопруг бил неколку години постар од неа и ѝ се приклучил на терористичката група Боко Харам, исто како и многумина други жители од островите на езерото Чад. Недостигот на опции во родното место било една од главните причини поради кои тие пристапиле кон Боко Харам и веруваат во нивните ветувања дека ќе воведат строг шеријатски закон и ќе ја отстранат неконтролираната корупција.

Кратко откако стапиле во брак, Халима морала да го придружува нејзиниот сопруг до кампот на Боко Харам. Нивната прва станица била малата населба Камерун.

– Таму беше ужасно. Едвај имавме што да јадеме – вели Халима.

Нејзиниот сопруг бил отсутен поголемиот дел од времето. По некое време дошло наредба дека треба да се оди во Нигерија.

Халима раскажува како гладни и жедни марширале низ шумите со денови и како новороденчињата не го преживеале патувањето. Таа останала со Боко Харам до 22 декември 2015 година, односно до денот на нападот.

– Доколку не го сториш тоа ќе те убиеме – ѝ кажале мажите од Боко Харам.

Таа се обидела да побегне во седум наврати, но безуспешно, бидејќи нејзините обиди биле спречени. По последниот неуспешен обид за бегство еден од милитантите ѝ кажал дека ќе ја убијат ако повторно се обиде да побегне.

Најпосле дошол денот на нападот. Биле испратени четворица мажи и три жени меѓу кои и Халима. Таа се надевала дека ќе може да ја искористи оваа прилика за да побегне, но таа и другите биле дрогирани. Халима била полусвесна за работите кои се случувале околу неа. Експлозивните направи биле спакувани во ранци и торби. Халима ја носела својата во пластична кеса. Некои од нив имале самоубиствени појаси залепени за нивните тела.

Кога стигнале на нивнита дестинација, по тридневниот пат, им било нарадено да ги активираат нивните бомби на пазарниот ден во Ига, во близина на малото градче Бол.

– Беше темно кога стигнавме на брегот на Чад, но чуварите на селото ја забележаа групата иако се трудевме да останеме скриени во темницата. Потоа нѐ опколија – додава таа.

Во тој момент, таа била на кратко растојание од групата. Нејзината пластична кеса која била полна со експлозив била со другите, кои ги активирале нивните бомби кога сфатиле дека се опколени. Халима била единствената која преживеала и покрај тоа што во експлозијата ги загубила двете нозе. Неколкумина биле ранети, но не загинал ниту еден од селаните.

Селаните ја спасиле Халима, иако била една од „камиказите“. Таа изгубила многу крв и е вистинско чудо што ги преживеала првите неколку часа по експлозијата.

– Денес многу од луѓето во Бол ја знаат мојата приказна, но и покрај тоа се добри спрема мене. Бев спасена од оние кои што требаше да ги убијам – ја завршува својата приказна Халима.