Израел и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го сметаат Иран за голема закана. Но, Британија и Европската Унија поинаку гледаат на работите. Тие прифаќаат дека Иран е тежок и конфронтациски ориентиран, но и натаму сметаат дека Техеран е расположен да ги следи линиите на договорот, кој американскиот претседател Барак Обама, со силна европска поддршка, го постигна за иранската нуклеарна програма

Ајатолахот Рухола Хомеини пред точно четири децении се врати во Иран, откако шахот Мохамед Реза Пахлави беше принуден на егзил. Тоа беше кулминацијата на Исламската револуција, која ја погоди блискоисточната земја, потресена од огромната корупција под власта на монархијата.
– Монархијата ќе биде уништена. Има аспекти од животот под актуелната корумпирана форма на влада во Иран, кои ќе треба да бидат сменети. Дрогите како алкохолните пијалаци ќе бидат забранети. Ние сме непријателски кон странските влади што го наметнаа шахот на Иран – ќе порача ајатолахот Хомеини, само неколку дена пред да се врати во Техеран од Париз, каде што 15 години живееше во егзил.

По сѐ изгледа, како што оценува Би-би-си, и денес така стојат работите во Иран. На прв поглед, изгледаше невозможно дека Исламската Република ќе опстои, но ете ја, веќе 40 години трае. На повеќе избори, милиони Иранци излегуваа да гласаат за кандидатите, кои, иако внимателно селектирани, ги претставуваат либералните и конзервативните струи во политиката, а либералните кандидати најчесто добиваа мнозинство. Но откако ќе дојдеа на власт, тие откриваа дека не може да сменат ништо.

Во согласност со иранскиот устав, конзервативните сили – свештенството, Револуционерната гарда и сл. – имаат контрола врз кој и да победи на изборите. Врховниот лидер е над избраниот претседател, а конзервативците се подготвени и на борба за да ја зачуваат нивната моќ. Веднаш по претседателските избори во 2009 година, конзервативецот Махмуд Ахмединеџад беше прогласен за победник, и покрај тоа што либералниот кандидат, Мир Хусеин Мусави, најверојатно, освои мнозинство од гласовите. Следуваа гневни демонстрации и за момент изгледаше како да почнува нова револуција. Но, конзервативците успеаја со голема бруталност да ги растераат демонстрантите на улиците.

Над 90 отсто од иранските муслимани се шиити, а во 1979 година протерувањето на шахот од страна на шиитските исламски револуционери го шокира и го наелектризира исламскиот свет. Шиитите во земјите како Либан и делови од Арапскиот Залив престанаа да го прифаќаат фактот дека се на дното од општествениот и политичкиот живот, и почнаа да бараат сѐ повеќе да им се слушне гласот. Сунитите во регионот беа длабоко загрижени, но сепак и тие беа фасцинирани од соборувањето лидер поддржан од Западот.

Во периодот 1980-1988 година, Иран беше заглавен во брутална војна против Ирак, и беше опседнат со потребата да преживее. Но по 2003 година, кога САД го нападнаа Ирак и ја уништија моќта на сунитското малцинство, ирачкото шиитско мнозинство почна да доминира со земјата и тоа со силна поддршка од Иран. Иран стана регионална суперсила и тоа, колку и да звучи иронично, благодарение на американскиот претседател Џорџ В. Буш.

Денес, Израел и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го сметаат Иран за голема закана. Но Британија и Европската Унија поинаку гледаат на работите. Тие прифаќаат дека Иран е тежок и конфронтациски ориентиран, но и натаму сметаат дека Техеран е расположен да ги следи линиите на договорот, кој американскиот претседател Барак Обама, со силна европска поддршка, го постигна за иранската нуклеарна програма.

Истовремено, Иран денес е многу полиберален отколку што однадвор изгледа. Правилата за облекување на жените понекогаш се применуваат строго, но Исламската Република никогаш не ги погази женските права на начинот на кој Саудиска Арабија тоа редовно го прави. Иранските жени водат бизниси, поседуваат имот, возат автомобили и играат клучна улога во политиката. Актуелната влада, според Би-би-си, најверојатно досега е најлибералната по револуцијата во 1979 година. Ајатолахот Хомеини најверојатно немаше сето тоа да го дозволи, но овој пристап помогна во заштитата на Исламската Република изминатите години.