„Дејли мирор“ цитираше неименуван поранешен британски разузнавач во изјавата дека Исламска држава може да ја искористи пандемијата на ковид-19 со цел да изврши напад врз западните земји. Разузнавачот му посочил на весникот многу начини на кои вирусот создава повеќекратни закани што биле чувани настрана подолго време.

– Практично, условите на Блискиот Исток би можеле да се влошат во однос на тековната битка за уништување на Исламската држава. Голем дел од постигнатото може да биде поништено од паниката и пропаѓањето на безбедноста во регионот, овозможувајќи ѝ на ИД да се реформира и повторно да се подготви за напади на Запад – тврди изворот.

Изјавите доаѓаат откако „Сан“ објави пропагандни плакати на ИД, обезбедени од надзорното тело Jihad and Terrorism Threat Monitor (JTTM), кои ги прикажуваат градот Чикаго и „Тауер бриџ“ во Лондон со текстот: „Удрете ги кога најмалку очекуваат“ и „Коронавирус – војник на Алах“.

По ова, ИД ја презеде одговорноста за ракетен напад врз церемониите за инаугурација на избраниот авганистански претседател и неговиот ривал во Кабул на почетокот на март. Кон крајот на минатата година, генералот Ник Картер, шеф на одбранбениот кабинет на Велика Британија, предупреди дека ИД сè уште не е целосно поразена.

– ИД и екстремистичките идеи што ги претставува апсолутно не се поразени, во суштина заканата од тероризам се прошири, како што, за жал, беше демонстрирано уште еднаш во нападот од минатиот петок на мостот во Лондон – изјави Картер.

Тој зборуваше една недела откако најмалку две лица беа убиени и пет други повредени во терористичкиот напад на Лондон Бриџ извршен од 28-годишен маж со нож, Усман Кан, осуден во 2012 година за тероризам и ослободен во декември 2018 година. Даеш ја презеде одговорноста за нападот. Во октомври 2019 година, американскиот претседател Доналд Трамп ја објави смртта на лидерот на ИД, Абу Бакр ал-Багдади, тврдејќи претходно истата година дека ИД е 100 отсто поразена.