Како што влијанието на Исламската држава (ИД) опаѓа на Блискиот Исток, тоа се зголемува во одредени области во Африка. Според информациите од Мозамбик, милитантите лојални на ИД нападнале мала земјоделска заедница на северот на африканската држава, за време на локален обред на иницијација за момчиња. Вооружени со мачети, напаѓачите обезглавиле 20 момчиња и мажи, пренесува „Њујорк тајмс“. 

Милитантите годинава заземаа голема територија и едно пристаниште во областа Кабо Делгадо. Тие сѐ почесто извршуваат брутални напади врз цивилно население, кои честопати вклучуваат обезглавување и изложување на телата на жртвите.

– Обезглавувањето е заедничка карактеристика на нападите на Исламска држава во Мозамбик. Тие користат мачети, а обично имаат специфични цели кога напаѓаа некое село, како државни службеници, наставници и медицински сестри – рече Зенаида Мачадо, истражувач на „Хјуман рајтс воч“.

Засега нема одговор од владата на претседателот Филипе Њуси, чија етничка група Маконде потекнува од истиот регион. По нападот, милитантите ги собрале и изложиле 20-те тела, заедно со жртвите од други локации, на фудбалски терен во селото Муатиде, каде што биле грозоморозно прикажани, со намера да предизвикаат страв во локалната заедница. 

– Овие обезглавувања, кои потсетуваат на Сирија и Ирак, ги плашат сите. Ситуацијата е мрачна бидејќи се чини дека бројот на милитантите постојано расте – вели Ерик Мориер-Геноуд, професор по африканска историја на универзитетот „Квинс“ во Белфаст, специјализиран за Мозамбик. 

Исламска држава честопати презема одговорност за терористичките напади во Мозамбик, а има и извештаи за нејзини обучувачи кои патувале во земјата. Експертите велат дека не е познато дали милитантите во Мозамбик добивале наредби однадвор или тие само ја користат моќта и стравот што ги носи името на ИД. 

– Иако милитантите тврдат дека нападите се насочени кон христијани, во пракса тие прават мала разлика меѓу своите жртви. Пропагандата што ја шири ИД вели дека тие запалиле христијанско село или убиле христијански војници, но реалноста е поинаква – вели Сем Ратнер, кој работи за порталот „Зитамар њуз“.

Во вторникот, претседателот на Зимбабве, Емерсон Мангагва, ги осуди варварските напади во северниот дел на Мозамбик и понуди помош во борбата против милитантите на ИД во регионот.

– Безбедноста на нашиот регион е најважна за заштитата на нашиот народ – рече тој.