Елементи на терористичката група Исламска држава (ИД) повторно се активираа во западна Сирија каде што САД имаат мало присуство и видливост, предупреди еден висок американски командант за Блискиот Исток. Како што наведува „Јуроњуз“, во регионот западно од реката Еуфрат, кој е под контрола на сириската влада, „условите се влошени“ што може да доведе до повторен подем на Исламската држава, поради што сите треба да бидат загрижени. Френк Мекензи, американски генерал, посочи дека бунтовниците дејствуваат со одреден степен на слобода и додаде дека САД и нивните сојузници не се надеваат дека сирискиот режим ќе ја задуши групата таму. Западниот дел на државата историски е под контрола на руски поддржаните и Сириски владини сили додека САД и нивните сојузници ги поддржуваат Сириските демократски сили (СДФ), кои генерално се распоредени во северниот и во источниот дел.

Во виртуелното обраќање на форумот пред американскиот Институт за мир од неговиот кабинет во американската Централна команда во Тампа, Мекензи порача дека бавните напори за да се пренесат луѓето од сириските бегалски кампови дополнително се усложнети и одложени поради пандемијата на коронавирусот. Токму тоа ја поттикнува загриженоста за радикализација, особено на младите во камповите, за кои властите се загрижени дека се плодна почва за регрутирање во ИД. Инаку, американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи поразот на ИД како еден од неговите клучни постигнувања во националната безбедност.

Тој го нареди повлекувањето на американските сили од северната граница во близината со Турција како дел од планираниот потег целосно да ја повлече американската војска од земјата.