Курдски и западни разузнавачки претставници предупредуваат дека присуството на ИД во Ирак е сѐ пософистицирано и оти се регистрирани сѐ поголем број терористички напади. Џихадистите сега се пообучени и поопасни од Ал каеда, пренесува Би-би-си

Терористичката група Исламска држава (ИД) повторно е во подем и се реорганизира во Ирак, и тоа само две години откога ја загуби контролата врз последната територија во земјата. Курдски и западни разузнавачки претставници предупредуваат дека присуството на ИД во Ирак е сѐ пософистицирано и оти се регистрирани сѐ поголем број терористички напади. Џихадистите сега се пообучени и поопасни од Ал каеда, пренесува Би-би-си.

– Тие сега имаат подобри техники, подобри тактики и многу повеќе пари на располагање. Сега можат да купат возила, оружје, храна и опрема. Технолошки се многу повешти. Затоа е многу потешко да се протераат. Па, така, тие сега се слични на Ал каеда на стероиди – изјави Лахур Талабани, висок курдски контраразузнавачки претставник.

Според Талабани, ИД во изминатите 12 месеци интензивно работи на повторна изградба на терористичката мрежа. Тој предупредува дека се појавува нова ИД, која повеќе не сака да контролира ниту една територија, за да избегне директни напади, и наместо тоа, исто како и нејзините претходници од Ал каеда, се крие во ирачките планини Хамрин.

– Тоа е главното средиште на ИД сега. Станува збор за долг планински венец, поради што многу е тешко ирачката армија да го контролира. Постојат голем број скривници и пештери – истакнува Талабани.

Курдскиот претставник предупредува дека ИД сака да ги искористи сегашните безредија во ирачката престолнина Багдад и да го злоупотреби отуѓувањето на сунитските муслимани, кои се малцинство во земјата. Истовремено, според него, џихадистите профитираат од затегнатите односи помеѓу Багдад и курдската регионална влада, по курдскиот референдум за независност во 2017 година. Во северен Ирак сега постои голем простор помеѓу курдските и ирачките сили, во кој патролираат само џихадистите од ИД. Според извештаите на курдските разузнавачки служби, во Ирак има околу 10.000 припадници, од кои околу 4.000 до 5.000 се борци, а другите се симпатизери и прикриени терористи, што се активираат по потреба.

Од друга страна, и највисокиот американски командант во Ирак, Вилијам Сили, потврдува дека ИД се обидува повторно да се реконституира, но оти овој пат се среќаваат со поинаков одговор од ирачките и од курдските безбедносни сили. Тој посочува дека овие сили се многу подобро подготвени отколку во 2014 година, кога џихадистите од ИД ја презедоа контролата врз речиси една третина од Ирак и го освоија Мосул, вториот најголем ирачки град, речиси без отпор.

– Ирачката војска и курдските единици не се истите сили кога Мосул беше освоен. Ние тука им помогнавме во обуката. Ирачките сили го одржуваат притисокот за да ја задржат предноста против ИД. Џихадистите од ИД сега се кријат во пештерите и пустината, во услови во кои никој не може да се справи подолго, и тие не може да се движат во големи формации – додава Сили.