Тврдокорните милитанти од ИСИС-Корасан (ИСИС-К) сметаат дека талибанците, кои склучија договор со администрацијата на Трамп во февруари 2020 година, ја предадоа исламската кауза. Активна во Авганистан од 2015 година, ИСИС-К сака да воспостави широк исламски калифат во Авганистан, Пакистан и во делови од Индија и од Иран, односно во историскиот регион познат како Корасан. Во 2016 година, централното лидерство на Исламската држава (ИСИС) формално ја призна групата, која има упоришта во североисточен Авганистан, особено во провинциите Кунар, Нангархар и Нуристан.
Во април 2020 година, авганистанските безбедносни сили го уапсија лидерот на ИСИС-К, Абдула Орокзаи, познат како Аслам Фаруки. Два месеца подоцна, авганистански дипломец од Политехничкиот институт во Кабул, познат како Шахаб ал Мухаџир, стана регионален шеф на ИСИС-К.
Командантот на американскиот генералштаб на воените сили, генералот Марк Мајли, на сослушувањето на Комитетот на вооружените сили на Сенатот минатиот месец, порача дека „реконструирана Ал каеда или ИСИС со аспирации за напад на САД е многу реална можност“. Тој процени дека на ИСИС-К ќе ѝ бидат потребни меѓу шест месеци и неколку години за „реорганизација“.