Светската јавност ги обвинува и талибанците за последниот бомбашки напад во Кабул, за кој одговорност презема локален огранок на Исламската држава (ИД) од регионот Голем Хорасан, наречен ИСИС-К, но двете екстремистички групи всушност се спротивставени и своевремено водеа и оружен конфликт.

Се смета дека талибанците се делумно се виновни за нападот поради пропуштање на починителите преку контролните пунктови кои водат до аеродромот во Кабул, бидејќи главниот град на Авганистан е под нивна контрола. И самите талибанци претходно изведуваа бомбашки напади во Кабул, а меѓу нив има многумина кои сметаат дека Американците и нивните соработници заслужуваат смрт. Поранешниот американски секретар за одбрана и директор на ЦИА, Леон Панета, во изјава за радиото „Ен-пи-ар“ посочи дека очекува талибанците да им пружат засолниште на Ал каеда, ИСИС и на тероризмот воопшто. Но, талибанците тврдат дека и тие загубиле 28 борци во експлозијата во Кабул (загинаа и најмалку 13 американски војници), па тука треба да се земе предвид презирот меѓу двете екстремистички групи, како и оти ИСИС-К ќе биде поттикната да убива Авганистанци и Американци за време на владеењето на нивните соперници, пишува американскиот магазин „Атлантик“.

Талибанците се воздржаа од одмазда врз непријателите по преземањето контрола врз Кабул, со исклучок на егзекуцијата на поранешниот лидер на Исламската држава во Јужна Азија, Абу Омар Коарсани, откако го извлекоа од авганистански затвор, како што пренесе „Волстрит џурнал“.

– Несогласувањата помеѓу талибанците и ИД имаат идеолошка основа. Исламската држава ги исмеваше талибанците како отпадници кои не ги почитуваат ниту основните елементи на исламот, откако беше откриено дека нивнит основач мула Омар имал потекло од паштунски клан. ИД, исто така и воено го оспоруваше владеењето на талибанците, а овие две фракции водеа и оружен конфликт, по што САД интервенираа да им помогнат на талибанците – наведува Греам Вуд кој е автор и на книгата „Начинот на странците: Средби со Исламската држава“.

Во интерес на талибанците е ИСИС-К да не метастазира во однос на сегашната состојба, кажа американскиот претседател Џо Бајден во обраќање по нападот во Кабул, што многумина го протолкуваа како доказ дека талибанците се американски сојузници кога станува збор за евакуацијата од Кабул. Американската војска соопшти дека извршила напади со дрон врз водството на ИСИС-К, нагласувајќи дека ќе продолжи да цели кон екстремистичкиот огранок.

Со терористичкиот напад ИСИС-К, пак, се осигури дека Американците ќе го напуштат Авганистан со свежа крв на нивните униформи и им порача на Авганистанците дека допрва доаѓа уште пострашна закана, заклучува Вуд.