Демонстрантите го изразуваат незадоволството пред запалениот ирански конзулат

Најмалку 40 антивладини демонстранти се убиени од ирачките сили за безбедност во последните 24 часа, додека ескалира насилството во Багдад и на југот од земјата, објавуваат светските медиуми.

Насилството ескалира откако демонстрантите завчера го запалија иранскиот конзулат во светиот шиитски град Наџаф, што Иран остро го осуди. Покрај 40-те жртви, повредени се околу 300 лица. Демонстрантите го насочија нивниот гнев врз Иран бидејќи го сметаат за поддржувач на политичкиот систем во нивната држава, против кој протестираат.

Ирак е зафатен од немирите и протести од 1 октомври, а изливот на незадоволство е најизразен во Багдад и во дел од јужните, доминантно шиитски градови. Оттогаш силите за безбедност убиле 350 демонстранти низ земјата, користејќи боева муниција и солзавец за нивно растерување.

Демонстрантите ја обвинуваат владата, предводена од шиитите, дека ја штити корупцијата, а се незадоволни и поради високата стапка на невработеност.