Ирачкиот новинар Мунтазар ал-Заиди, кој пред 10 години тогашниот американски претседател Џорџ Буш помладиот го гаѓаше со чевел, за ирачките медиуми изјави дека има намера да се кандидира за пратеник во парламентот на претстојните избори во Ирак.

Изборите ќе се одржат на 12 мај, а арапските агенции потсетуваат дека Ал-Заиди на прес конференција во 2008 година во Багдад, најпрво го фрли едниот, а потоа и другиот чевел кон Буш.

– Ова ти е бакнеж за збогување, куче едно – извика тогаш новинарот, подоцна појаснувајќи дека го смета американскиот претседател за одговорен за војната во Ирак.

Буш успеа да го избегне ударот, а обезбедувањето веднаш го совлада новинарот, кој подоцна беше осуден на тригодишна затворска казна заради навреда, која подоцна му беше намалена на една година бидејќи претходно не бил осудуван.

Беше ослободен во септември 2009 година, три месеца порано заради добро однесување.

За медиумската куќа „Мидл Ист Ај“ ги објасни причините зошто влегува во трката за парламентот.

– Последните 10 години пишувам за корупција и корумпирани луѓе. Се обидов на тој начин да го разоткријам државниот грабеж, но не успеав ништо конкретно да променам. Затоа одлучив да влезам во политиката и да се ангажирам на создавање на нови закони и правила, а корумпираните политичари и функционери да ги разоткријам. Тоа се главните причини за мојата кандидатура за парламентот – појасни новинарот.

Жителите на Тикрит на еден од градските плоштади поставија голема бронзена статуа на чевел во чест на Ал-Заиди, но скулптурата беше урната бидејќи властите оцениле дека била поставена на несоодветно место, пред дом за напуштени деца.