Американската армија потврди дека Иран нападнал воени бази во Ирак во кои се сместени војници на САД. Нападите се извршени со проектили „земја-земја”. Станува збор за најмалку две воени бази и за повеќе од 12 проектили, соопшти Пентагон.

Според иранската државна телевизија, ракетирањето било насочено кон две воздухопловни бази Аин ал Асад во близина на Багдад и на база во Ирбил на северот на Ирак. Американски воени официјални лица изјавија дека најмалку шест проектили ја погодиле Аин Асад, а нападот го потврди и портпаролката на Белата куќа, Стефани Гришам.

Информацијата за нападите ја потврди и Иранската исламска револуционерна гарда. Иранската државна телевизија јави дека во операцијата наречена „Маченикот Сулејмани”, има жртви меѓу Ирачаните во една од нападнатите бази, јавува Си-Ен-Ен, цитирајќи ирачки безбедносен извор. Нема информации за жртви на американска страна.

Белата куќа објави дека претседателот Доналд Трамп е известен за нападите и дека ја следи состојбата и се консултира со својот тим за национална безбедност.

Исламската револуционерна гарда се закани со напади на територијата на САД, како и на градовите Дубаи (Обединети Арапски Емирати) и Хаифа (Израел) ако САД возвратат на нападите на базите во Ирак.

– Ги предупредуваме сите американски сојузници кои ги отстапија своите бази за нивната терористичка војска дека секоја територија на напад врз Иран ќе биде наша цел – стои во соопштението на Иранската револуционерна гарда што го пренесоа и државната телевизија и Би-Би-Си.

До нападите на воените бази доаѓа откако во петокот САД со дрон го убија иранскиот генерал Сулејмани.