Техеран и натаму се надева дека Европа ќе може да го спаси договорот за иранската нуклеарна програма, склучен во 2015 година меѓу Иран и шесте светски сили, и покрај повлекувањето на САД од него, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Бахрам Касеми.

– Постојат некои нејаснотии околу примената на механизмите на ЕУ за заштита на трговијата со Иран од американските санкции, но ние и натаму се надеваме дека Европа ќе може да го спаси договорот, нагласи Касеми.

Американскиот претседател Доналд Трамп во мај донесе одлука за повлекување на САД од договорот, со образложение дека тој не дава гаранции дека ќе запре развојот на иранската нуклеарна програма.

По повлекувањето од договорот, Вашингтон ги возобнови санкциите кон Техеран, кои се однесуваат на извозот на нафта и банкарскиот и транспортниот сектор и најави казнени мерки и за странските компании кои соработуваат со Иран.

Во рамки на напорите за зачувување на договорот, ЕУ најави дека ќе преземе мерки за заштита на европските компании кои соработуваат со Иран од евентуални американски санкции. Но, и покрај заложбите на Брисел, некои европски компании кои имаат силни трговски врски со САД, решија да ја прекинат соработката со Иран, со цел да не бидат изложени на санкции од Вашингтон и да трпат загуби на американскиот пазар.