Иран објави дека со леснотија може да ги гаѓа американските воени бродови распоредени во Персискиот Залив, на тој начин продолжувајќи ја размената на остри закани на релација Техеран-Вашингтон.

Тензиите меѓу двете земји се зголемија кога Иран минатата недела најави дека ќе почне процес на повлекување од клучните делови на нуклеарниот договор од 2015 година, кој има цел да го спречи Техеран да развива нуклеарно оружје, а од кој Вашингтон се повлече минатата година.

САД повеќе од една недела посочуваат дека иранските власти и нивните сојузници на Блискиот Исток се подготвуваат за напади врз американските интереси во регионот, па поради тоа таму испратија носач на авиони, бомбардери „Б-52“ и ракетни системи „Патриот“.

-Дури и нашите проектили со краток дострел може со леснотија да стигнат до американските бродови во Персискиот Залив, рече Мохамед Салех Јокар, висок претставник на елитната Револуционерна гарда, а пренесе новинската агенција „Фарс“.

„Америка не може да си дозволи нова војна, таа земја е во лоша ситуација во однос на работната сила и социјалните услови“, додаде тој.

Закани до САД упатил и генерал-мајор Абдулахим Мусави.

-Ако непријателот се прецени и направи стратешка грешка, ќе доживее жесток одговор од кој ќе зажали, изјавил тој за новинската агенција „Мехр“.