Иранскиот претседател Хасан Рохани предупреди дека САД ќе зажалат ако еднострано го прекршат иранскиот нуклеарен договор и дека одговорот на Техеран ќе го дознаат за помалку од една недела. Американскиот претседател Доналд Трамп ветуваше дека до средината на мај ќе ја повлече својата држава од договорот потпишан во 2015 година ако европските земји не им се приклучат на САД во решавањето на проблемите, поради кои, според него, спогодбата има фатални недостатоци. – Ние нема први да го прекршиме договорот, но тие (САД) треба да знаат дека ќе зажалат ако го прекршат – предупреди Рохани во говор по повод националниот ден на нуклеарната технологија.

Според иранскиот претседател, ако САД се повлечат од договорот, тоа би значело дека не можат да си го одржат зборот, што би ги оцрнило нивниот углед и достоинство на меѓународната сцена. – Ние сме многу поподготвени отколку што тие мислат и тоа ќе го видат за помалку од една недела – порача Рохани. Нуклеарниот договор е склучен во 2015 година помеѓу Иран и шесте светски сили, Германија, Кина, Франција, Британија, Русија и САД, кои тогаш беа предводени од Барак Обама. Со договорот Иран се ограничува во збогатувањето и складирањето радиоактивен материјал што би можел да биде искористен за производство на нуклеарно оружје. За возврат, на Техеран му се укинати низа санкции во трговскиот, банкарскиот и во нафтениот сектор. Трамп го определи 12 мај како нов рок за продолжување на отстапките и вети дека нема да ги поддржи ако Европејците не ги исполнат неговите барања.