Иран почна со вбризгување ураниумски гас во центрифугите во подземната нуклеарка Фордо, објави државната телевизија.

Во извештајот се наведува дека вбризгувањето ураниумски гас во центрифугите почнало во присуство на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија, пренесува „Ројтерс“.

Агенцијата додава дека ова е четврти чекор на Техеран  за намалено почитување на обврските од нуклеарниот договор потпишан со светските сили во 2015 година.

Овој потег го најави иранскиот претседател Хасан Рохани, кој рече дека сите чекори на Иран за намалено почитување на одлуките од нуклеарниот договор можат да бидат повлечени и дека Техеран ќе се врати на своите обврски кога тоа ќе го направат другите потписнички.

Иран објави дека работи на прототип на центрифуга која е за 50 пати побрза од онаа што е дозволена со нуклеарната спогодба со светските сили.