Иран започна со производство на збогатен ураниум до 20 проценти, потврди портпаролот на иранската организација за атомска енергија, Бехруз Камалванди. Тоа е потег што дополнително ќе ги ескалира нарушените односи со САД, забележува „Си-ен-ен“.

Иран изврши збогатување на ураниум во нуклеарната постројка Фордо.

– Во понеделникот, околу седум часот навечер, го достигнавме нивото од 20 проценти – изјави официјалниот претставник на Организацијата за нуклеарна енергија на Иран, Бехруз Камалванди.

Нуклеарниот договор со Иран од 2015 година предвидува земјата да го збогатува ураниумот на ниво од 3,67 проценти, но Техеран ги отфрли ограничувањата минатата година и го зголеми нивото на четири отсто.

Иранскиот парламент на почетокот на декември минатата година ги усвои општите точки на проектот за активирање на нуклеарната активност на државата.

За време на собраниската седница, 251 пратеник гласаа „за“ проектот наречен „стратешки мерки за укинување на санкциите“.

Проектот беше разгледан во итна постапка, по убиството на нуклеарниот физичар Мохсен Фахризаде.

Законот предвидува зголемување на нивото на збогатување на ураниум од 20 или повеќе проценти, а таквиот ураниум се смета за оружје.

Законот, кој оттогаш е ратификуван, вклучува и обнова на реакторот во Арак во форма како што беше пред договорот и изградба на друг реактор.

Во исто време, еден дел од законот ги обврзува властите да се одречат од доброволно почитување на Дополнителниот протокол на Договорот за заштитни гаранции со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).