Официјален Лондон соопшти дека европската поморска мисија треба да го заштити бродскиот транспорт во Персискиот Залив откако Иран на 19 јули заплени британски танкер со нафта

Иранските власти остро реагираа против предлогот на Британија за формирање европска поморска мисија во Персискиот Залив, порачувајќи дека станува збор за непријателски и провокативен предлог. Британскиот предлог доаѓа во период на зголемени тензии во регионот и обидите на западните сили за формирање коалиција за заштита на нивните бродови. Официјален Лондон соопшти дека европската поморска мисија треба да го заштити бродскиот транспорт во Персискиот Залив откако Иран на 19 јули заплени британски танкер со нафта.

– Разбравме дека тие планираат да испратат европска флота во Персискиот Залив, што природно испраќа непријателска порака, провокативно е и само дополнително ќе ги зголеми тензиите – се наведува во соопштението на официјален Техеран.
Специјални сили на исламската Револуционерна гарда претходно го запленија британскиот танкер со нафта „Стена имперо“ во стратегиски важниот Ормутски Теснец, откако бродот наводно не одговорил на повик за помош по судирот со мал рибарски брод. По инцидентот, британската влада беше остро критикувана зошто не презема поактивни мерки за заштита на своите бродови. Запленувањето на „Стена имперо“ следуваше две недели откако британски маринци го запленија иранскиот супертанкер „Грејс 1“ кај Гибралтар, наводно поради тоа што транспортирал нафта за Сирија, со што биле прекршени санкциите воведени од Европската Унија.
Ормутскиот Теснец се користи за транспорт на една третина од светскиот извоз на нафта од блискоисточните земји богати со наоѓалишта на енергенти. Иранската влада порача дека земјите во Персискиот Залив би требало да ја гарантираат безбедноста на бродовите што поминуваат низ Ормутскиот Теснец.
– Ние сме најголемиот агент на поморската безбедност во Персискиот Залив – изјави портпаролот на Владата во Техеран.

Од друга страна, пак, САД претходно ветија дека ќе го зголемат своето воено присуство во регионот за да ги следат иранските активности. Односите помеѓу Иран и САД значително се влошија откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година и лани воведе остри санкции на извозот на нафта од оваа блискоисточна земја.
Американската централна команда (ЦЕНТКОМ) неодамна го потврди распоредувањето војници во Саудиска Арабија поради зголемувањето на тензиите со Иран.
– Распоредувањето обезбедува дополнително одвраќање и ја осигурува нашата способност за одбрана на американските сили и интереси во регионот од новите закани – соопшти ЦЕНТКОМ

Официјален Ријад и Вашингтон не го открија бројот на војници што ќе бидат распоредени во кралството, но некои американски весници јавија дека најмалку 500 војници на САД ќе бидат распоредени во воената воздушна база „Принц Султан“, јужно од саудиската престолнина.

– САД агресивно ќе работат на воспоставувањето поморска безбедност во Персискиот Залив – порача шефот на ЦЕНТКОМ, Кенет Мекензи.
Андреас Криг, професор на лондонскиот Кингс колеџ, оценува дека американското распоредување во Саудиска Арабија е дел од позиционирањето и обидите на САД за зголемување на своите воени опции во случај на напад врз Иран.

– Но 500 американски војници во Саудиска Арабија не се многу, особено кога станува збор за разгледување воена операција против Иран – истакнува Криг.
Интересно е тоа што базата „Принц Султан“ им беше дом на илјадници американски војници и авиони-ловци, почнувајќи од 1991 година, и операцијата „Пустинска бура“, по ирачката инвазија на Кувајт, па до 2003 година и американската инвазија на Ирак и соборувањето на режимот на Садам Хусеин.


Можно учество и на германската морнарица

Бившиот германски амбасадор во САД и актуелен шеф на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, побара од Германија да го зголеми воениот ангажман во Персискиот Залив.

– Германија има морална обврска да ја одигра својата улога. Тешко некоја земја да е толку зависна од слободата на меѓународниот поморски транспорт, како што е извозниот шампион Германија. Поради таа причина, Берлин не би требало да седи настрана и само да гледа ако другите земји дискутираат за одбранбена мисија во Заливот – порача Ишингер.

Германската влада не ја исклучува можноста за свое учество во мисијата. Министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер сугерираше дека Германија би можела да учествува во поморската операција што ја предложи Британија.