Информациите од црните кутии треба да им помогнат на истражните екипи да откријат поради што неодамна се урна украинскиот патнички авион во Иран, при што загинаа 176 лица. Но ирански претставници порачаа дека нема да ѝ ги предадат црните кутии на американската компанија „Боинг“, чиј авион се урна непосредно по полетувањето од аеродромот во Техеран.

– Нема да им ги предадеме црните кутии на производителот и на Американците. Сепак, украинските претставници ќе бидат вклучени во иранската истрага – истакна висок ирански претставник.
Мајкл Хуерта, поранешен вработен во американската Федерална администрација за авијација, оценува дека може да се комплицира анализата поради тоа што несреќата се случи во Иран.
– Тоа што е различно за оваа несреќа е дека непријателска земја ја контролира истрагата. Во глобалната авијација сметаме дека техничките експерти го имаат последниот збор, но со оглед на тоа дека станува збор за Иран, ќе почекаме и ќе видиме – додаде Хуерта.

Авионот што се урна во Техеран беше „боинг 737-800“, кој е поинаков модел од леталата „737-макс“ што се урнаа во Индонезија во октомври 2018 година и лани во Етиопија. Некогаш популарниот „737 макс“ и понатаму е приземјен додека истражувачите проверуваат како автоматскиот систем во авионите придонесе за несреќите. Од друга страна, првичните информации говорат дека авионот не бил соборен или нападнат поради тензиите помеѓу Иран и САД, кои кулминираа со иранскиот ракетен напад врз воени бази во Ирак, каде што се стационирани американски војници.