Иран разгледува 13 сценарија како одмазда за американскиот напад во кој беше убиен иранскиот генерал Касим Сулејмани, соопшти секретарот на иранскиот Врховен национален совет за безбедност, објави новинската агенција „Фарс“.

„Американците треба да знаат дека советот досега разговараше за 13 сценарија за одмазда и, дури и ако се оствари најумереното сценарио, тоа би можело да биде кошмар за Американците“, рекол Али Шамхани.

Претседателот на парламентот, Али Ларијани, денеска објави дека иранскиот парламент го зголемил буџетот за Револуционерната гарда, откако врховниот поглавар, ајатолахот Али Хамнеи, нареди да се зголеми буџетот на 225 милиони американски долари.

„Зголемувањето е поврзано со спроведувањето на планот за жестока одмазда против САД за убиството на Сулејмани“, рекол тој.

Покрај тоа, иранскиот парламент ги прогласи за терористи американските војници одговорни за смртта на Сулејмани.

Предлог-законот беше донесен едногласно, со повик на пратениците за „смрт на Америка“.