Израелската војска потврди дека извршила повеќе воздушни напади врз неколку цели во Сирија, каде што биле стационирани сириски единици и нивните ирански сојузнички групи. Операцијата, според властите во Тел Авив, е одговор на ракетните напади од иранските единици во Сирија, кои истрелале повеќе проектили врз израелска територија. Од друга страна, Сирија соопшти дека во израелските напади се убиени двајца цивили и оти сириската противвоздушна одбрана успеала да собори поголемиот дел од проектилите над Дамаск, пренесува Би-би-си.

Претставник на израелската војска изјавил дека цел на нападите биле позициите на иранските единици Кудс и на силите лојални на сирискиот претседател Асад. Во реакцијата на израелската војска се наведува дека сириските власти се одговорни за акциите на сириска територија, предупредувајќи ги на сериозни последици доколку повторно има напади против Израел.

Иранските единици Кудс, кои се под директна контрола на врховниот лидер ајатолахот Али Хамеини, се крило за надворешни операции на Иранската револуционерна гарда. Израел изврши стотици напади врз цели во Сирија од почетокот на Граѓанската војна во 2011 година, во обид да ги спречи иранското позиционирање и доставувањето иранско оружје за либанското движење Хезболах.