Коментирајќи ја неодамнешната презентација на Саудиска Арабија на наводни докази дека Техеран стои зад неодамнешниот напад врз саудиските нафтени постројки, иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека треба лично да го видат  т.н. доказ, пренесува иранскиот радиодифузер „Ал Алам“.

Ден претходно, саудиското Министерство за одбрана организираше прес-конференција на која беа прикажани, како што тврдат од министерството, иранска крстосувачка ракета и беспилотни летала „делта винг“.

– Што се однесува до нападот врз нафтените постројки на „Арамко“, ако тие имаат вистински доказ за соучесништвото на Иран, нека го покажат – изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави, за „Ал Алам“.

Минатата сабота „Арамко“ мораше да затвори два свои објекти откако беа погодени од беспилотни летала, а потоа во нив избувна пожар. Инцидентот доведе до намалување на производството на нафта на 5,7 милиони барели на ден – околу половина од дневното производство на нафта во Саудиска Арабија.