Иранскиот научник Сирус Асгари е депортиран од САД за Иран откако беше ослободен од обвинението за кражба на американски деловни тајни поради кое беше затворен во Америка, објавија иранските власти, а пренесе „Тајм“.

Информацијата дека Асгари се качил на авион што требал да го врати во Иран, ја објави иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф, на Инстаграм.

Професорот на иранскиот државен универзитет за технологија „Шариф“ беше обвинет во април 2016 година за обид за крадење на тајни истражувања од универзитетот „Кејс вестер ризрв“. Образовната инситуција од Кливленд работеше на проект за канцеларијата за поморски истражувања на американската морнарица, чија цел беше создавање на антикорозивен нерѓосувачки челик.

Асгари беше ослободен од обвиненијата во ноември минатата година, откако судот го отфрли случајот. Претставници на Одделот за национална безбедност истакнаа дека се обиделе да го депортираат научникот на 12 декември, по неговото ослободување. Но, Иран одбил да признае оти тој е Иранец и да му издаде пасош се до крајот февруари. Надлежните служби потоа имале неколку обиди да го вратат Асгари, но летовите биле откажувани поради коронавирусот.

Поддржувачите на Асгари во разговор за британски „Гардијан“ открија дека Иранецот се заразил со коронавирус додека бил затворен.

Иранските власти го поврзуваа ослободувањето на научникот со потенцијалното ослободување на американски затвореници во Иран, но претставници на Одделот за национална безбедност ги негираа ваквите тврдења. Ослободувањена на Асгари доаѓа во период кога американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да врши притисок врз Иран, заклучува „Тајм“.