Како иранското лансирање на сателит доведе до наредба за запирање на иранските партролни чамци

Соочена со предизвици за економијата во распаѓање и за избивањето на коронавирусот во светот, се чини дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се враќа кон старите маки, пишува „Форин полиси“.

– Дадов инструкции на морнарицата да ги уништи сите ирански оружени патролни чамци ако тие ги тормозат нашите бродови на море – напиша вчера Трамп на Твитер.

Водечките луѓе од американските безбедносни структури наводно биле изненадени од објавата на Твитер, бидејќи не биле брифирани за промена на политиката кон Иран.

Пентагон сепак успеа да ја ублажи објавата на Трамп од закана во предупредување. 

– Тој нагласуваше дека сите наши бродови го задржуваат правото за самоодбрана и луѓето треба да бидат многу претпазливи во нивните интеракции за да го разберат правото на самоодбрана – кажа заменик-секретарот за одбрана Дејвид Норквист, на брифинг во Пентагон, додавајќи дека твитот на претседателот бил „многу корисен“. 

Портпаролот на иранската армија одговори жестоко на заканата на Трамп, во контекст на американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“ чиј персонал е погоден од коронавирусот.

– Денес, наместо да ги застрашуваат другите, на Американците би им било подобро да ги спасат нивните трупи заразени од коронавирусот – кажа тој.

– Што го предизвика испадот на Трамп на Твитер? Се чини дека конкретната закана дојде од омилената американска активност – гледањето телевизија. Истото утро беше објавен извештај на Фокс њуз во кој беше нагласено лансирањето на ирански воен сателит, а во прилогот беа користени снимки од американската морнарица од 15 април. На снимките беа прикажани иранските патролни чамци кои кружат околу американските воени бродови во Персискиот Залив. Снимките стари една недела веројатно го испровоцирале претседателот. Трамп има минато богато на избрзани реакции на Твитер кога е изнервиран од нешто што забележал на телевизија – пишува Форин полиси.

На 19 мај минатата година Трамп ненадејно напиша на Твитер „ако Иран сака да се бори, тоа ќе биде официјалниот крај на Иран. Никогаш немојте да им се заканувате на САД повторно!“. Со анализирање на тајмингот на твитовите на Трамп, Метју Герц од „Медија Метерс фор Америка“, телото за контрола на медиумите поврзано со демократската партија, успеа да ја посочи причината за твитот – прилог на Фокс њуз за иранските закани кон американските трупи.

Иран тврди дека вчера го лансирал неговиот прв воен сателит. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека сателитот е во орбита на околу 400 километри над земјата. Американскиот државен секретар Мајк Помпео кажа дека лансирањето може да биде прекршување на резолуцијата на Обединетите нации според која Иран не треба да спроведува активности поврзани со балистички ракети, вклучувајќи го и лансирањето на сателити.