Фатвата (забрана дадена согласно со принципите на исламот – н.з.) на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, против нуклеарното оружје, со текот на годините ја губи својата моќ. Но, тоа не ги спречува властите во Техеран да ја споменат во секој релевантен разговор со Вашингтон за нивното нуклеарно оружје, пишува Боби Гош во неговата колумна за „Блумберг“.

Фатвата неделава беше спомената кога иранскиот министер за разузнавање, Махмуд Алави, рече дека Иран ќе го развие своето нуклеарно оружје доколку САД и другите западни нации продолжат со економскиот и политичкиот притисок врз земјата.

– Врховниот водач јасно кажа во својата фатва дека производството на нуклеарно оружје е спротивно на религиозниот закон и Исламската република смета дека тоа е забрането. Но, доколку тие го туркаат Иран во таа насока, нема да бидеме виновни ние, туку вината ќе биде на оние што го туркаа Иран. САД и нивните сојузници нѐ принудуваат да ја конструираме бомбата – рече Алави за време на гостување на државната телевизија.

Ова е најновиот обид на Техеран да изврши притисок врз администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден за да ги укине санкциите наметнати од неговиот претходник Доналд Трамп. Администрацијата на Бајден со право изрази загриженост за ваквите коментари од страна на Иран. Досега, иранските власти тврдеа дека не можат и не сакаат да произведуваат нуклеарно оружје, затоа што Хамнеи го прогласил за „неисламско“ и религиски забрането.

Американските власти досега се тешеа со фатвата на Камнеи, тврдејќи дека верскиот декрет го демонстрира неговиот вистински однос кон нуклеарното оружје. Декретот беше цитиран од американскиот претседател Барак Обама во пресрет на нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили во 2015 година.

– Но, декретот секогаш беше повеќе политички отколку религиозен, создаден да обезбеди покритие за каква било нуклеарна насока преземена од Техеран во кое било време. Исто така, Хамнеи го издаде указот само откако Иран беше фатен на дело: тајната програма за нуклеарно оружје развиена со руска помош, беше изложена и откриена во 2002 година – тврди „Блумберг“

Затоа декретот изгледа се користи само на хартија, но не и во практика. Ако религиозните ставови не го спречија Иран да развива нуклеарно оружје пред 2003 година, тие нема да го спречат ниту сега, ниту во иднина. И во оваа ситуација, однесувањето на Иран се водеше од тоа колку далеку може да стигне, сè додека меѓународниот притисок не стане неподнослив, заклучува Гош во неговата колумна.